Туристичка атракција ќе никне во општина Кривогаштани. Според пишувањата на „Нова Македонија“, станува збор за штркова населба, која ќе биде хортикултурно уредена како голем парк, велат надлежните.
– Населбата ќе биде покрај регионалниот пат Кривогаштани – Крушево. Планирано е да бидат изградени бандери со вештачки кошници за околу 1.000 легла за штрковите. Проектот би чинел околу 30 илјади евра, а треба да се реализира со пари од ИПА-програмата за прекугранична соработка. Со овој проект би се добиле и повеќе работни места – велат од општината.
Се очекува оваа нова населба да ги донесе туристите во оваа општина и дека ќе ја збогати туристичката понуда на Кривогаштани.
– Населбата ќе биде вистинска атракција. Покрај неа, планираме да изградиме и други содржини, како етноресторан, паркови, сувенирници – додаваат надлежните, истакнувајќи дека за да се подготви сето ова, во план за подготовка е изработка на стратегија за развој на туризмот. Со реализацијата на овој проект се планира одржливоста на заедницата да се издигне на повисоко ниво.