На Хемискиот факултет во Белград, струката и науката ги презентираа своите ставови во однос на последиците од НАТО бомбардирањето на Србија во 1999 година. „Расправата е организирана со цел претставување на резултатите од научните истражувања на оваа тема, и донесување на научно базирани заклучоци за постоењето или непостоењето на поврзаност на бомбардирањето и зголемениот број на заболени од малигни болести во Србија“, изјави проф. д-р Драган Веселиновиќ, член на Академскиот одбор на САНУ и претседател на Секцијата за нејонизирачко зрачење при Друштвото на физикохемичари на Србија.
„Статистички, имаме сериозно зголемување на бројот на заболени од малигни болести во периодот 2006 – 2009 година, односно 5000 заболени повеќе во однос на периодот 2002-2005. И бројот на умрените од овие болести е исто така повисок за 5000“, вели професорката на Медицинскиот факултет во Белград, д-р Даница Грујичиќ. Податоците на Заводот за јавно здравје „Милан Јовановиќ Батут“ за 2014 година покажуваат дека во Србија од малигни болести заболеле 490 на 100.000 жители. Според податоците на Светската здравствена организација, во 2014-та на глобално ниво имало 14 милиони болни, или 290 на 100.000 жители.
На овој собир, освен за медицинските аспекти на НАТО бомбардирањето во Србија, станало збор и за деконтаминацијата, последиците од дејството на органските загадувачи, како и физичко-хемиските и еколошките аспекти од дејствувањето на муницијата со осиромашен ураниум. Осиромашениот ураниум настанува како отпаден производ при третирањето на ураниумот како гориво во нуклеарните централи.