Насловна / Арт и дизајн / „Што те нема“ – уметничка инсталација за жртвите во Сребреница, составена од филџани со кафе

„Што те нема“ – уметничка инсталација за жртвите во Сребреница, составена од филџани со кафе

Интересна уметничка инсталација креирала Аида Шеховиќ, која има босанско потекло и њујоршка адреса, а се состои од точно 8.372 филџани со кафе. Ова кафе ќе остане неиспиено за исто толкавиот број жртви на геноцидот во Сребреница во 1995 година.  Се започнало пред 15 години, откако ја слушнала приказната на една жена од Сребреница која го загубила својот сопруг во последната војна, и кој највеќе и недостасувал во моментите кога пиела кафе. Така, Шеховиќ дошла на идеја да направи уметничка инсталација и перформанс под името „Што те нема“.

stotenema1

stotenema2

Првата инсталација која броела 923 филџани, е поставена на 11 јули 2006 година на Башчаршија во Сараево. „Навистина мислев дека таа поставка во Сараево ќе биде единствената. Но, потоа сум поканета да го организирам тој ист споменик на сеќавањата и во други градови“ вели таа. Наредната година, споменикот е поставен во седиштето на ОН, а потоа и во Тузла, Хаг, Стокхолм, Истанбул, Њујорк, Торонто, Женева, Бостон, Чикако, Цирих и Венеција.

stotenema3

stotenema4

stotenema5

„На местата каде беше поставуван споменикот, немаше никакви обележја или симболи, ниту знамиња. Секој кој приоѓа прво го чувствува мирисот на кафе, а потоа веднаш прашува за што се работи, по што веднаш се воспоставува пријатна човечка поврзаност со приказната. Тоа беше една од нашите цели и тоа го постигнавме секаде, без оглед на културата и обичаите. Но, тоа што е најважно е дека им оддаваа почит на убиените“, појаснува Шеховиќ. Од година во година, бројот на филџани во поставката се зголемува. Годинава, споменикот кој го содржи максималниот број филџани е поставен во Сребреница. Авторката вели дека ова е последна година за оваа инсталација, и тоа токму на местото каде се случило злосторството. На тој начин кругот се затвора.

„Уметноста има посебна улога кога станува збор за тешките теми. Сметам дека ваквите уметнички дела можат сериозно да придонесат во негување на културата на сеќавање која е исклучително важна, особено кога станува збор за нашиот регион во кој постојано злосторствата се негираат и се манипулира со историските факти“ заклучува Шеховиќ.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top