Иднината некогаш беше замислена како утопија исполнета со технологија која го олеснува животот. Денес, сè повеќе наликува на дистописки визии – свет во кој роботите работат во темнина додека милиони луѓе остануваат без работата.
Една зграда во областа Чангпинг во северен Пекинг делува како една од шесте милиони фабрики кои континуирано го снабдуваат светот со електроника за широка потрошувачка. Меѓутоа, она што се случува зад нејзините ѕидови дава непријатна визија за иднината на работата.
Во таа фабрика нема луѓе. Светлата се исклучени, не за да се заштеди на сметките за струја, туку затоа што на работниците не им треба осветлување – бидејќи не се луѓе. Xiaomi, кинескиот технолошки гигант, лани лансираше целосно автоматизирана производна линија управувана од вештачка интелигенција (ВИ), позната уште и како „мрачна фабрика“. Работи без пауза, без умор, без грешка – без човек.
Машините преземаат смена
Автоматизацијата во индустријата не е нова појава. Роботите со децении склопуваат автомобили и електроника, но новиот производствен модел – каде човечката интервенција станува непотребна – покренува нови прашања за иднината на вработувањето. Објектот на Xiaomi произведува по еден паметен телефон секоја секунда, прецизно и во целосен мрак. Алгоритмите управуваат со секој сегмент од работата, ги анализираат податоците во реално време и го оптимизираат процесот на производство побрзо отколку што би можел тим од инженери.
Системот на фабриката комуницира во реално време, самостојно се прилагодува на оптимална ефикасност и ги минимизира грешките. Интерно развиени ВИ алатки го следат производството во живо, откривајќи ги потенцијалните проблеми пред да станат дефекти. Дури и отстранувањето на прав е целосно автоматизирано, со што се елиминира потребата за одржување.
Xiaomi вложи 2,4 милијарди јуани (околу 330 милиони долари) во оваа фабрика од 81.000 квадратни метри, а нејзиниот годишен капацитет е 10 милиони уреди. Се очекува дека токму тука ќе се произведуваат телефоните на преклопување MIX Fold 4 и MIX Flip, но и постави стандардот за иднината на глобалното индустриско производство.
Индустрјалците ширум светот веќе ги преземаат првите чекори кон целосно автоматизирање на производството. Јапонската фабрика „ Fanuc“ веќе произведува роботи кои склопуваат нови роботи – без никаков надзор од човек. „Siemens“ во Амберг имплементираше систем со „99,99% точност во производството, додека „Тесла“ на Илон Маск настојува Gigafactory да стане целосно автономна.
Дистопија или можност?
За сопствениците на капитал, пресметката е јасна: намалување на трошоците, елиминирање на човечката грешка и константно производство. Роботите не бараат боледување, не штрајкуваат и не одат на одмор. Во таков систем профитот расте, но човечкиот фактор исчезнува.
Податоците од извештајот за иднината на работата на Светскиот економски форум за 2024 година предвидуваат дека 23 отсто од работните места ќе претрпат тектонски промени поради вештачката интелигенција во следните пет години. Од 673 милиони работни места анализирани во студијата, се очекува раст во 69 милиони области, додека 83 милиони работни места ќе исчезнат.
Истовремено, се проценува дека до 2027 година 42 отсто од деловните задачи ќе бидат автоматизирани, додека 44 отсто од вработените ќе мора да поминат дополнителна обука за да се прилагодат. Прашањето што останува отворено е – дали светот е подготвен за овој пресврт?