Непрофитната организација Совет за зелени згради на САД (United States Green Building Council – USGBC) во 1994 година започна со имплементација на LEED стандардот за сертификација на зелена изградба.
LEED (Leadership in Energy & Environmental Design) претставува програма за сертификација на згради, куќи и заедници. Овој сертификат може да се побара за веќе изграден објект или за објект кој е во изградба. Постојат пет различни категории за кои се доделува LEED:
– Building Design and Construction (BD+C), за надворешен дизајн и конструкција (се однесува за новоизградени објекти и објекти на кои се врши значителна реконструкција).
– Interior Design and Construction (ID+C), за внатрешен дизајн и конструкција (се однесува на внатрешноста на комерцијалните објекти, хотели, ресторани и сл.).
– Building Operations and Maintenance (O+M), се однесува на постоечки згради во кои се врши унапредување на одржувањето и функциите.
– Neighborhood Development, се однесува на нови развојни проекти (изградба на одржливи населби).
– Homes, се однесува на семејни куќи (проектирање и изградба на семејни куќи).
Во рамките на секоја од овие категории потребно е да се исполнат одредени предуслови, односно за секоја категорија се доделуваат одреден број бодови (локација и транспорт, користење на одржливи градежни материјали и намалување на отпадот, поефикасно користење на водата, подобри енергетски перформанси на зградите, одржливи локации кои го намалуваат влијанието врз екосистемите и водните ресурси, квалитетот на животната средина во затворен простор, иновации и регионални еколошки приоритети). Кога станува збор за одржливите населби, бодирањето се врши врз основа на локацијата, дизајнот и зелената инфраструктура.
Постојат четири новоа на сертификација, а бројот на бодови определува на кое ниво припаѓа оценуваниот објект. Основниот LEED сертификат се доделува на објектите што имаат од 40 до 49 бодови; сребрен LEED сертификат се доделува на објектите со 50 до 59 бодови; златен LEED сертификат за оние што поседуваат помеѓу 60 и 79 бодови, додека платинест сертификат добиваат објектите со 80 или повеќе бодови.
Сертификацијата ја врши независен меѓународен систем за сертификација, а одлуката е транспарентна со оглед на фактот што сите податоци се достапни на јавноста.
LEED сертификати поседуваат над 18.000 објекти во САД, а оваа сертификација се применува во над 40 земји во светот. Една од најпознатите згради во САД која поседува LEED сертификат е Empire State Building. Како позитивен пример од нашето соседство може да се спомене дека во Србија има седум објекти кои добиле иле веќе се во постапка за LEED сертификат.