Со цел енергетскиот систем на Европа да ги исполни енергетските и климатските цели на ЕУ и земјите членки за 2030, 2040 и 2050 година, Европската мрежа на оператори на преносни системи за електрична енергија (ENTSOE) го претстави нацртот на Десетгодишниот план за развој на мрежата (TYNDP).
Новиот TYNDP ги опишува понатамошните вложувања во европскиот електроенергетски систем со цел намалување на вкупните трошоци на системот. Во извештајот се наведува дека секое вложено евро во електроенергетската инфраструктура ќе донесе заштеда од две евра во трошоци за системот. Електроенергетскиот сектор забрзано се потпира на обновливи извори на енергија, што од своја страна бара силна и развиена електроенергетска мрежа. За да се оствари енергетската цел за 2040 година, неопходни се дополнителни вложувања, вклучувајќи и зголемување на капацитетите за уште 108 GW. Неизбежно е зајакнување на националните енергетски мрежи, со цел прилагодување на промените кои ги носи новиот енергетски микс. Решавањето на потребите од прекугранични капацитети до 2040 година, ќе бара значителни зајакнувања на националните електроенергетски мрежи. До 2050 година, дополнителни 224 GW во капацитети за прекуграничен пренос и 540 GW во капацитети за складирање, би претставувале економски ефикасно решение, соопштува ENTSOE.
TYNDP покажува дека енергетската транзиција бара не само повеќе интерконекции, туку и забрзан развој на националните мрежи. Нацрт планот вклучува анализа на 178 проекти за пренос и 33 проекти за складирање кои можат да придонесат во напредокот на енергетската транзиција. Нацрт планот сега е отворен за јавна расправа, а заинтересираните страни можат да до достават своето мислење до 14-ти март 2025 година. На 27-ми март 2025 година ќе биде одржана јавна работилница.