Жителите на Германија често на врвот на приоритетите на земјата ја ставаат климатската акција и претежно силно ја поддржуваат енергетската транзиција. Но, тие не се единствените со таков став. Шведска, Данска, Холандија Финска и Ирска се земјите чии жители ги сметаат овие прашања дури и за поприоритетни. Неодамнешните истражувања во Германија откриваат длабока загриженост на граѓаните во врска со климатските промени и цените на енергентите. Студијата на Bertelsmann Stiftung покажала дека 55% од Германците сметаат дека социјалната кохезија е загрозена поради транзицијата кон обновливи извори на енергија. Околу 69% ја поддржуваат енергетската транзиција, а околу 65% ја поддржува транзицијата во сообраќајот. Но, само 20% сметаат дека трансформацијата е праведна, укажувајќи на неправедната распределба на трошоци помеѓу различните слоеви во општеството. Примерокот покажува дека од прилика тројца од четворица Германци ја сметаат енергетската транзиција за скапа, а околу 12% во целост го одбиваат преминот од фосилни горива.
Паралелно, истражувањето на YouGov, открива дека повеќе од две третини од Германците се загрижени за цените на гас и електрична енергија во 2024 година. Околу 30% се многу загрижени, а 38% се умерено загрижени. И двете истражувања укажуваат на сложеноста на проблемот со кој Германија во моментот се соочува во балансирањето на климатската акција и социјално економските прашања, како и на потребата од попромислен пристап кој ги разгледува и еколошките и социјалните фактори.