Европската комисија има нов претседател, која во битка за тешко освоените гласови во Европскиот парламент најави поактивен ангажман во областа на климатските и енергетските прашања. Ursula von der Leyen со 383 гласа „за“, 327 „против“, 22 „воздржани“ и еден неважечки глас, е избрана за нов претседател на Европската комисија. Но, минималниот број, инаку тајни гласови за нејзино избрање на должноста е 374. Значи одвај десетина гласови ја делеа оваа истакната членка на Демохристијанската Унија (CDU), и досегашен министер за одбрана, од тронот на Европската комисија, па вреди да се претпостави дека нејзината работа ќе се следи навистина под лупа. Меѓу оние кои не ја поддржале нејзината кандидатура се застапниците од крајната десница и левица, па дури и „зелените“, кои не биле уверени дека таа ќе даде конкретни предлози во однос на климата. Von der Leyen истакнува дека сака Европа да стане првиот континент со нулта стапка на емисија на јаглерод диоксид до 2050 година. Таа дури ветува дека ова ќе го преточи во закон, и тоа уште во првите сто дена. Исто така, Von der Leyen се залага за основање на европска банка за клима – финансиска институција која би настанала од одредени делови на Европската Инвестициска банка. Тоа би бил транзициски фонд со кој би се помогнало на единиците на локалните заедници кои се зависни од јаглен и другите на својот пат кон чиста енергетика. Von der Leyen смета дека во борбата против климатските промени свој придонес треба да даде секој сектор. Со оглед на силата која во сегшниот состав на ЕУ парламентот ја имаат „зелените“, вреди да се заклучи дека климатската политика доаѓа во самиот врв на ЕУ приоритетите.