Законот за постоење на Конгресна библиотека во САД бил одобрен на 24 април, 1800 година и со него се предвидувало нејзините книги да бидат сместени на „соодветно место“ во зградата на Конгресот. По безброј проблеми и преместувања, голем дел од книгите потоа биле уништени, особено во британскиот напад во 1814. Четири години подоцна, Чарлс Булфинч, кој станал архитект на Конгресната зграда, наскоро претставил план, библиотеката да биде сместена во просторија во центарот на западното крило на Конгресот.
зградата Томас Џеферсон
По неколку катастрофални пожари, архитектот Томас Волтер претставил нов проект за поправка и проширување користејќи огноотпорни материјали. Реставрираната библиотека била отворена на 23 август, 1853 година, и била наречена „најголемата железна просторија на светот“. Конгресната библиотека е најстарата федерална културна институција во САД и е сместена во три големи згради во главниот град Вашингтон и на локација во Сојузната Држава Вирџинија.
Конгресна библиотека
ЗГРАДАТА ТОМАС ЏЕФЕРСОН
Првата посебна зграда на Конгресната библиотека, зградата Томас Џеферсон, била предложена од библиотекар на Конгресот, Ајнсворт Ранд Спофорд, во 1871. Раните години на планирање и изградба биле полни со контроверзии и одложувања. По два конкурса и 10-годишна дебата за проектот и локацијата, во 1886 година Конгресот конечно ја избрал италијанската ренесанса и неокласицизмот како водечко архитектонско обликување предложено од архитектите од Вашингтон Џон Смитмаер и Пол Пелц (John L. Smithmeyer and Paul J. Pelz).
Главниот влез на овој објект гледа кон зградата на Конгресот. Висок е четири ката и има ниска купола што ја покрива централната читална. Монументално раздвоените скалила со фонтаната Нептун како централна фигура, водат до главниот влез со три пара извајани бронзени врати. Коринтските столбови биле употребени на централниот трем, каде има и портрети на познати писатели.
Конгресна библиотека, големиот хол
Зградата Џеферсон важи за првиот објект во Вашингтон којшто целосно ги изразува начелата на архитектонскиот стил Beaux-Arts. Со беспрекорната локација и комплексната влезна структура како дел од дизајнот, библиотеката е пример за француската теза за планирање од деветнаесеттиот век – дека искуството од приближувањето и влегувањето во една јавна зграда треба да го подготви корисникот за нејзината намена, и штом е внатре, да го привлече и упати, за да може ефикасно да ги искористи сите можни простори. Најфундаменталната функција на оваа зграда – складирањето и лесното наоѓање на книгите и материјалите – е рационално поставена, но е скриена, бидејќи овие делови не се отворени за јавноста. Мандатот на библиотеката – да им служи на истражувачите, е изразен преку централната читална, иако нејзината позиција е помошна споредбено со највпечатливата карактеристика на библиотеката, нејзиниот влезен павилјон. Токму на овој простор како во еден микрокосмос е претставена обединувачката тема што ја изразува симболичката цел на библиотеката: интеграција на американските придонеси во целокупниот асортиман на светското знаење и култура.
Се смета дека веројатниот извор на инспирација за Смитмаер и Пелц, била Париската опера на Чарлс Гарние – Charles Garnier. Објектот го величи американскиот придонес кон светското знаење на ист хиерархиски начин како што Париската опера го велича придонесот на Франција во изведувачките уметности.
Во изградбата биле употребени различни материјали – 15 видови на мермер, гранит, бронза, злато, махагони. Зградата била отворена за јавноста во 1897 година и важела за неспоредливо национално достигнување: 23-каратна позлатена купола ја покривала „најголемата, најскапата и најбезбедна“ зграда на една библиотека во светот. Покрај ротондата, карактеристика се и четирите (внатрешни) централни таканаречени дворни површини. Во две од нив има дополнителни простории за книги, додека во друга е сместена сала за рецитали. Аголните и централните павилјони се поврзани со столбови наречени „завеси“ коишто создаваат композиции од пет дела на западнaта и источната страна.
Конгресна библиотека, читална
Конгресна библиотека, главната читална
Детално украсената фасада и ентериер биле дело на четириесет американски сликари и скулптори и сè уште се смета за доказ за почитувањето на домашната и светска литература, наука и уметност. Денес објектот е општо признаен како уникатен спој на уметноста и архитектурата, и важи за градба која ја слави универзалноста на знаењето, внимателно претставената човечка мисла и аспирација, симболизирајќи го американскиот оптимизам на почетокот на векот.
Зградата воедно е дом и на два од најпознатите тавани во светот, кои се наоѓаат во нејзината голема сала и во главната читална. Таванот на големата сала на библиотеката на предниот дел од зградата е обложен со шест украсни витражни прозорци и алуминиум. По должината се испишани имињата на десет автори за кои се смета дека дале огромен придонес во литературата, меѓу кои, Данте, Хомер, Аристотел, Гете и Шекспир. На секој агол од таванот има две крилести фигури на гениј, прикажани со традиционални амблеми на знаење, факел и книга.
Сите заинтересирани на 16-годишна возраст и постари можат да добијат пристап до општите збирки на библиотеката, кои вклучуваат околу 70.000 томови книги. Главната читална е всушност октагонална просторија, а куполата е дизајнирана од скулпторот Алберт Вајнерт. Американскиот сликар Едвин Хауланд Блешфилд е креатор на муралите.
КАКО КНИГИТЕ НА ЏЕФЕРСОН ЗАВРШИЛЕ ВО ВАШИНГТОН?
Било лето, 1815 година, кога поранешниот американски претседател Томас Џеферсон го гледал заминувањето на последниот од десетте вагони полни со книги од целата негова лична библиотека во Шарлотсвил, Вирџинија.
Ова е болен избор, рекол тој, но причините биле убедливи – тој се соочувал со долгови од околу 20.000 долари, а заработката би била речиси 24.000. Вториот мотив бил тоа што неговите книги на одреден начин би биле врзани за Вашингтон, каде што требало да станат камен-темелник на обновената библиотека на Конгресот, запалена од британската армија една година пред тоа. Токму затоа, тој се смета за основач на националната библиотека.
ЗГРАДАТА ЏОН АДАМС
Втората зграда во рамките на Конгресната библиотека, проектирана од бирото со седиште во Вашингтон Пиерсон и Вилсон (Pierson & Wilson), отворена е во 1939 година и била позната едноставно како „анекс“ пред да биде именувана по претседателот Џон Адамс. Карактеристична е по детален, но воздржан дизајн на арт деко, висока е пет ката, со околу 350 километри долги полици за книги, со капацитет да собере десет милиони тома. Од подрумот до последниот кат се протегаат 12 нивоа на магацини за дополнителни материјали, заедно со три ката канцелариски простор со пристап до природна светлина и воздух.
зградата Џон Адамс
Надворешноста е од бел (Џорџија) мермер со ненападна декорација. Бронзените и стаклените врати на зградата ја прикажуваат историјата на пишаниот збор прикажан во дванаесет фигури (шест на источните врати и шест на западните).
Зградата е модерна во секој поглед, ентериерот изобилува со нови материјали и мотиви, а декоративните карактеристики и металот се извонредни примери на рационализираниот класицизам и декоративен кубизам на арт деко.
ЗГРАДАТА ЏЕЈМС МЕДИСОН
Оваа структура е отворена во 1980 година и претставува најголемиот објект од ваков вид во светот. Воедно, таа е необична комбинација на библиотека и официјален споменик на претседателот Џејмс Медисон.
згрдата Џејмс Медисон
Висока е пет ката и е проектирана од бирото Девит, Пор и Шелтон (DeWitt, Poor & Shelton), кој стои и зад дизајнот на источното продолжение на Конгресот меѓу 1958-1962 година. Со својата висока колонада од столбови, обликувањето се обидува да го долови духот на класичната архитектура, притоа останувајќи верно на елементите на модерните иновации. Единствената критика е дека објектот едноставно е ладен и не многу привлечен, но сепак сите се согласни дека е комфорен: се протега на површина од 195.000 метри квадратни. Впечатлива е бронзената скулптура на влезот – Каскада од книги.
влезен хол, Џејмс Медисон
КАМПУСОТ ПАКАРД
Во рамките на Конгресната библиотека е и кампусот Пакард на Националниот центар за аудио-визуелна конзервација или зачувување. Се простира на површина од околу 20 хектари и се наоѓа во Вирџинија, близу Вашингтон.
кампусот Пакард
Објектот е главно под земја со бусен зелен покрив за да се вклопи во постоечкиот пејзаж. Било посветено големо внимание да се минимизира неговото визуелно влијание – само зградата на Конзерваторската лабораторија е таа што се појавува од ридот во полукружна, неколкуслојна аркада, за да овозможи природна светлина во административните и работни простории.
Проектот воедно ги опфаќа најголемите напори за повторно пошумување од страна на приватниот сектор на источниот брег (со засадени над 9.000 дрвја, како и речиси 200.000 индивидуални насади).
кампусот Пакард
Објектот содржи 6,3 милиони колекции (1,2 милиони подвижни слики, 3 милиони парчиња снимен звук, 2,1 милиони придружни материјали, постери, фотографии и слично), во најсовремени услови за складирање.
39 МИЛИОНИ КНИГИ
Должината на полиците книги во Конгресната библиотека изнесува околу 1.400 километри и овде се сместени преку 167 милиони предмети со над 39 милиони книги и други печатени материјали.
За да остане актуелна, денес користи голем број технолошки иницијативи. Програмата за дигитализација овозможува лесна и бесплатна достапност за светската јавна публика. Со тоа, Конгресната библиотека стана најсеопфатна онлајн библиотека во светот.
Локално, освен за членовите на Конгресот, библиотеката е отворена за пошироката јавност за академски истражувања и организира тури за посетителите. Само оние на кои им е издадена „Читачка легитимација“ можат да влезат во читалните и да имаат пристап до збирките. Исто така, само на одредени владини функционери, вклучувајќи ги врховните судиите и нивниот персонал и членовите на Конгресот и персоналот, им е дозволено да ги позајмуваат или изнесуваат книгите. (И универзитетските библиотеки, можат да поднесат барање за изнајмување, но само доколку ниту една друга американската институција го нема конкретниот материјал.)
Секој работен ден библиотеката додава преку 10.000 предмети, а добива 15.000 предмети. Овде не се вклучени само книги и не е сè е на англиски јазик, бидејќи околу половина од збирките серии и книги се на други јазици. Библиотеката воедно чува аудио материјали, ракописи, мапи, микроформати, партитури, фотографии и слично, а го води и Националниот филмски регистар.
Финансирана е од Конресот, а покрај донациите, се потпира и на придонесите од националните фондации и приватни извори преку Одбор на фонд на доверители.
Библиотекар на Конгресот е позиција назначена од претседателот на САД, по добивање согласност од Сенатот.
Автор: Јулија ВЕЛКОВСКА
(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)
ФОТО Кредит – Конгресна библиотека