Само десетина години се поминати од почетокот на т.н. Четврта индустриска револуција (Индустрија 4.0). Експертите сè уште усвојуваат нови знаења во областа, јавноста сè уште се информира што значи тој концепт, а Европската комисија веќе лансира нова иницијатива – Индустрија 5.0. Покрај новините кои се содржани во т.н. двојна транзиција – зелена и дигитална, новата индустриска стратегија носи уште еден приоритет – холистички пристап кон индустрискиот развој со фокус на севкупниот индустриски екосистем. Се наметнуваат прашањата како е можно една ера во индустрискиот развој да заврши за толку краток период (знаејќи дека претходните индустриски револуции траеле многу подолго), дали релевантните политики воопшто имаше простор да се спроведат во пракса или пак станува збор за нешто трето?
ЕВОЛУТИВНИ ФАЗИ ВО ИНДУСТРИСКИОТ РАЗВОЈ
Но, пред да се елаборираат овие прашања, само краток осврт на досегашните револуционерни промени во развојот на човештвото, односно досегашните еволутивни фази во индустрискиот развој. Појавата на индустријата ја предизвикува најдинамичната воопшто дотогаш забележана промена во општеството, односно сè што постоело дотогаш станало неспоредливо со првите фабрики и парни машини (18 век). И првата и втората индустриска револуција (сериско производство) се врзани со парадигмата на производството и енергенсите, односно енергетските трансформации. Се разбира парната машина и електричната енергија се главните двигатели на овие концепти. Појавата на електрониката и информациско-комуникациските технологии е следната надградба, означена како Трета индустриска револуција, во втората половина на 20 век. Нивното значење е огромно, бидејќи овој вид на технологии овозможува дисперзија на знаењата, што е особено значајно за постоењето на индустриската култура.
ОДРЖЛИВОСТ, ОТПОРНОСТ И ФОКУСИРАНОСТ НА ЧОВЕКОТ
Индустријата 4.0, за многу компании сè уште е „следното важно нешто“ на кое треба да се фокусираат, а клучните елементи ги вклучуваат: автоматизацијата, роботиката, виртуелна реалност, вештачка интелигенција, машинско учење и интернет на нештата. Што ново носи концептот Индустрија 5.0? Според Европската Унија, овој концепт обезбедува визија за индустријата надвор од ефикасноста и продуктивноста како единствени цели, и ги зајакнува улогата и придонесот на индустријата во општеството како целина. Ја поставува „благостојбата на работникот во центарот на работниот процес, а преку користењето на новите технологии обезбедува раст почитувајќи ги лимитираните ресурси на планетата“. Според тоа, ја надоградува Индустрија 4.0, ставајќи ги развојот и иновациите во служба на транзицијата кон одржлива, фокусирана на човекот и отпорна индустрија.
Но, мора да се истакне дека идејата за Индустрија 5.0, не е лимитирана само на индустријата како сектор. Се применува во секој сектор и во секоја организација. Тоа значи дека нејзината применливост е значително поширока отколку онаа на Индустрија 4.0. Европската комисија истакнува дека Индустријата 5.0 има три столба: одржливост, отпорност и фокусираност на човекот.
Фокусираноста на човекот, промовира „талент, различност и зајакнување“. Генерално, асоцира на транзиција од концептот „луѓе кои им служат на организациите“, кон концептот „организации кои им служат на луѓето“. Ова е многу порадикално отколку што изгледа на прв поглед, и е во линија со моменталните состојби на пазарот на трудот. Имено, во многу индустрии и земји, пронаоѓањето, но и задржувањето на таленти стануваат многу поголем предизвик, отколку пронаоѓањето и задржувањето на клиентите. Ако овој тренд продолжи, мора да се развие и соодветна бизнис-стратегија, а токму тоа го нуди Индустрија 5.0. Притоа, создавањето на додадена вредност за работниците е од особена важност во стекнувањето на конкурентска предност на компаниите.
Што се однесува до отпорноста, сите проблеми кои ги донесе КОВИД-19 кризата во однос на глобалното снабдување со стоки и услуги, а сега веќе и кризата во Украина, јасно потврдуваат дека отпорноста е клучот и за сегашниот и за идниот развој. И во овој сегмент промените се многу порадикални отколку што може да се претпостави. И покрај тоа што агилноста и флексибилноста веќе долго се присутни во корпоративните агенди, тие не секогаш водат до поголема отпорност. Ако отпорноста навистина се етаблира како еден од столбовите на Индустрија 5.0, тоа значи дека примарниот фокус повеќе нема да биде на раст, профит и ефикасност, туку на создавање организации кои ќе бидат помалку ранливи, односно кои ќе бидат способни да предвидат драматични промени и да реагираат навремено на секоја криза, а со тоа да обезбедат стабилни и одржливи перформанси.
Заканите кои ги носат климатските промени, ја поставуваат одржливоста високо на листата на приоритети. Затоа, организациите треба да бидат посветени кон исполнувањето на сите 17 цели за одржлив развој на ОН. Овој столб исто така носи радикални промени. Досега, корпоративните напори во однос на одржливоста беа насочени кон намалување на штетата, односно намалување на негативното влијание на компанијата врз животната средина. Сега, намерата е да се зголеми позитивното влијание. Со други зборови, Индустријата 5.0 значи дека компаниите стануваат дел од решението, наместо дел од проблемот.
НОВА РАЗВОЈНА ПАРАДИГМА НА ЕВРОПА
Според тоа, Индустрија 5.0 се нуди како нова развојна парадигма на Европа, која е соочена со троен императив: заштита, подготовка и трансформација во своето трагање по подобар модел за напредок, но и во конечно пронаоѓање функционално решение за климатските промени и за загубата на биодиверзитетот. Предизвикот е огромен, но сепак тој во својата суштина е општествен, бидејќи значи бегство од постоечкиот индустриски концепт кон нов модел на одржливо живеење на луѓето, кои се веќе сериозно ограничени од природните ресурси.
Но, доколку индустрискиот развој не направил значителен исчекор од парадигмата заснована на профит и исцрпување на природните ресурси, а последиците кои ги чувствуваме укажуваат дека ваквата констатација е прилично точна, тогаш многумина експерти се сомневаат во десетгодишниот период кој се потроши на развојот на Индустријата 4.0, констатирајќи дека тој концепт нема доволен капацитет за да ја направи потребната трансформација. Тие додаваат дека Индустријата 4.0 само придонела за оптимизација и автоматизација на бизнис-моделите кои се причина за проблемите и заканите со кои денес се соочуваме. Покрај тоа, мора да се спомене и критиката дека сегашната економија базирана на winner-takes-all деловниот модел, продуцира технолошки монополи и огромни социјални нееднаквости.
Факт е дека остануваме без фосилни горива и суровини, а ја разоривме и контаминиравме животната средина до размери на сериозни нарушувања. Индустријата 5.0, според своите стратешки определби е всушност уште еден обид да се пронајде патот за излез од алармантната состојба. Нова парадигма со која се напушта партикуларноста на Индустријата 4.0 базирана на дигитализацијата, односно се надградува со вклучување на холистички пристап.
Прогнозите во врска со исходот одат во две насоки – оптимистичка и песимистичка. И двете се крајно спротивставени. Првата е дека радикална позитивна промена навистина ќе се случи и ќе влеземе во нов период на развој со позитивни влијанија врз животната средина и човекот. Втората алтернатива е сценарио на задржување на постоечките неодржливи модели, распад на индустриската економија и враќање во прединдустриската култура. Конечниот исход зависи од политичките одлуки и од сериозноста со која тие ќе бидат имплементирани.