Birkin bag е култна чанта од 1980-тите, која ја прославила познатата англиска актерка и пејачка Jane Birkin. Во зависност од обработката и големината, цената на оваа чанта се движи од 10.000 евра па повеќе, но и покрај ова, за неа постои листа на чекање.
Како и во модата, така и во ентериерот и архитектурата, со децении се појавуваат дизајнерски парчиња кои едноставно не стареат, тоа се парчиња кои се секогаш во тренд и претставуваат полн погодок во секој стил на внатрешно уредување.
Изборот на најпосакуваните дизајнерски парчиња кои се вклопуваат во секој ентериер е голем. Овој пат ви претставуваме избор од 10 дизајнерски парчиња кои како „Birkin bag“ веќе ја докажаа својата безвременост:
1. Eames lounge chair
Чарлс и Реј Имс ја дизајнирале оваа фотелја со табуретка уште во далечната 1956 година за компанијата за мебел Herman Miller. Фотелјата се состои од три парчиња свиткана иверица покриена со кожа, а најпопуларната верзија е со црна и темно кафеава кожа. Цената е приближно 8.500 евра, а за винтиџ парчињата потребно е да се издвои значителна сума.
2. Eames столици од фиберглас
Фиберглас е композитен материјал од стаклени влакна поврзани со синтетичка смола, со исклучителна цврстина и издржливост. Токму поради тоа Чарлс и Реј Имс одлучиле да користат фиберглас за потребите на натпреварот за дизајн на low-cost мебел. Материјалот им дозволил слобода во дизајнот на обликот на седиштето, кое може да се постави на неколку различни основи: метални, дрвени и лулашки. Сите варијанти се присутни во ентериерите од 1950 година.
3. Arne Jacobsen светилка
Арне Јакобсен познатиот дански дизајнер и архитект, зад себе остави прекрасна архитектура и мебел чиј дизајн од средината на 20 век до денес не старее. Оваа светилка е направена во три варијанти, подна, за на маса и ѕидна.
4. Arne Jacobsen Egg chair
Фотелјата дизајнирана во 1958 година, инспирирана како што кажува нејзиното име – од јајце, всушност е мала скулптура во просторот. Има и соодветен потпирач за нозе. Се произведува во кожа и текстил во различни бои.
5. Mies van der Rohe – Barcelona chair
Фотелјата и табуретката Барселона се дизајнирани во 1929 година од Миес ван дер Рое и Лили Рајх. Прв пат е користена во уредување на познатата Ville Tugendhat во Брно. Славниот Mис наводно бил инспириран од римското столче curule за дизајнот на елегантната челична вкрстена рамка и меките кожни перничиња.
6. Marcel Breuer – Cesca
Cesca го добила името по ќерката на Breuer, Франческа. Столот е дизајниран во 1928 година и оттогаш се продадени повеќе од 250.000 парчиња, произведени во три различни фабрики: Thonet, Gavina и Knoll.
7. Le Corbusier – LC2 фотелја
Дизајнот од 1928 година, кога Ле Корбизје дизајнирал четири фотелји, брзо станал популарно парче во ентериерот, но и експонат на MoMА. Меѓу познатите, Стив Џобс бил голем обожавател.
8. Butterfly chair
Познат како BKFchair или Hardoy chair, се состои од метална рамка на која е разапнато кожно седиште. Првично е направен од кожа, но денес може да се купи и во други материјали. Столот е создаден во 1938 година во Буенос Аирес, во соработка на архитектите Antonia Bonet, Juan Kurchan и Jorge Ferrari Hardoy, кои работеле во студиото на Корбизје.
9. Noguchi, клуб маса
Isamu Noguchi е истакнат американси уметник и архитект со јапонско потекло. Иконичната клуб маса ја дизајнирал во 1947 година, а дизајнот го откупил Herman Miller, кој бил воодушевен од скулптуралниот дизајн. Се изработува од повеќе видови дрво и стакло.
10. Бернардо Бернарди, Моше
Бернардо Бернарди бил еден од иницијаторите на дизајнот во поранешна Југославија. Класика на хрватскиот дизајн е секако фотелјата на Бернарди, создадена во 1961 година за потребите на опремувањето на Работничкиот универзитетот Моша Пијаде, тогаш под името Фотелја А4, денес попозната како Моше, во чест на проектот каде е промовирана.