Луѓето во Шпанија сакаат да селектираат и да рециклираат отпад, навиките се веќе создадени бидејќи системот постои и постојано се унапредува веќе неколку децении, вели Хуан Кањељас, ракометар на нашиот шампион Вардар и на шпанската репрезентација.
Кањељас живеел во Барселона, каде што системот на селекција на отпадот го уредува каталонската власт, а не централната власт на Шпанија. Сепак, тој вели дека третманот на отпадот е сличен насекаде во земјата. Во резиденцијалните делови од шпанските градови има локации на кои се поставени по три или четири контејнери за селекција на различни видови отпад. Жолтите контејнери се за пластика, сините за хартија, зелените за стакло, а четвртиот контејнер е за органски отпад. Овие локации се позиционирани многу блиску до домовите, за речиси никој да нема повеќе од пет минути одење. Тоа е и потребно и практично, објаснува Кањељас, бидејќи секој треба да ги донесе вреќите со селектиран отпад од дома, а сакаме тоа да го прави што почесто и да не му претставува мака ниту губење време.
За фрлање кабаст отпад во Шпанија се плаќа такса
Покрај тоа, секој град во Шпанија има и голем центар за кабаст отпад, каде што може да се остави стар мебел, електрични апарати, батерии, масло за готвење и сѐ што не ни треба, а може да се рециклира. За тоа се плаќа такса, но тоа е многу мала сума, во споредба со казната што може да се добие ако отпадот се остави на улица.
Ова лето бил воведен и нов систем во еден од градовите во близина на Барселона, сличен на скандинавската практика. Секое семејство дома селектира органски отпад, а кантата еднаш неделно ја празнат јавните комунални претпријатија. Ова е сосема нов начин на собирање на отпадот во Каталонија, но е дел од постојните напори нешто да се подобри или унапреди. Во Германија, пак, каде што ракометарот живеел неколку години, има систем во кој за секое вратено пластично шише во супермаркет се добиваат пари. Таква практика имало и во Шпанија пред неколку децении, но сега веќе не се применува.
„Системот во Шпанија постои веќе неколку децении и луѓето имаат создадени навики за селектирање отпад. Мислам дека и свеста е на високо ниво и сите размислуваме каков свет сакаме да им оставиме на нашите деца. Не можам ни да го замислам мојот град полн со отпад, за мене нема таква опција“, вели Кањељас.
Децата во градинките знаат да селектираат отпад
На улиците во градовите има големи контејнери, но само на пофреквентните места има канти во различни бои за селекција на пластика, стакло или хартија. Кањељас нагласува дека во Шпанија акцентот на селекцијата е повеќе ставен на домаќинствата, што, според него, можеби треба да се смени, да се унапреди системот и да има повеќе контејнери и на улиците.
Во градинките и во училиштата најмалку еднаш неделно децата разговараат или слушаат предавање на теми од екологијата, рециклирањето, отпадот, загадувањето. Секое дете уште во градинка мора да научи за каков отпад се наменети контејнерите во различни бои. Има и денови на екологијата во кои децата се запознаваат со природата или на училиште одат со велосипеди или пеш.
„Системот на селекција на отпадот постојано се подобрува и се проширува. Кога јас бев дете моето семејство не селектираше органски отпад, а сега тоа е вообичаено и нормално за секое семејство“, вели Кањељас.
Македонија има прекрасна природа, но мора да се чува чиста
Во маркетите за секоја пластична кеса се плаќа по пет центи и многу малку се користат. Секој од дома си носи платнена торба. Тоа е една од разликите со Македонија, вели ракометарот, бидејќи тука за сѐ што ќе купиш ти даваат пластична кеса. На крај дома имаш една голема кеса полна со кеси, кои не знаеш каде да ги фрлиш.
„Во Македонија кога ќе видам контејнер не знам дали, навистина е за пластика или за стакло бидејќи многу често внатре има секакво ѓубре. Не знам дали, ако јас оставам пластика, таа ќе отиде на рециклирање“, вели Кањељас.
Тој вели дека не среќава на многу места вакви контејнери, а сигурно знае дека нема во близина на неговата куќа. Заклучил дека проблемот е и во свеста на луѓето бидејќи фрлаат сѐ и сешто во кантите за селекција што ги има во трговските центри. Тој раскажува дека првите денови кога дошол во Македонија бил сведок како жена вади полна картонска кутија од автомобил и ја фрла во Вардар.
„Ова за мене беше шок кога дојдов во Македонија бидејќи бев навикнат да селектирам сѐ. И сега се трудам да најдам начин отпадот што го одвојувам да дојде до вистинскиот контејнер и да оди на рециклирање. Мора да признаам дека е многу покомпликувано, отколку во Шпанија или во Германија“, вели ракометарот.
Тој вели дека ги забележал и неформалните собирачи како вадат пластика од контејнерите и претпоставува дека тоа им е начин на заработка. Од една страна, тие прават добра работа и ги одвојуваат шишињата од другиот отпад, но од друга страна и ги кршат пластичните контејнери и оставаат многу ѓубре околу нив.
„Можеби некој треба да им даде работа и тоа да го прават на правилен начин. На тој начин ќе ги нема овие слики во градот, а и економијата ќе има придобивки“, смета Кањељас.
Во Скопје има прекрасни места, вели тој, со прекрасна природа, како Матка и Водно, и нема многу градови што имаат привилегија да имаат толку близу планина и природни убавини за рекреација и уживање.
„За жал, има многу ѓубре, а тажно е што луѓето не се загрижени за тоа, напротив многумина и сега фрлаат ѓубре на земја“, вели тој.
За тоа, смета ракометарот, мора да се стави акцент на едукацијата на луѓето, на подигнување на свеста, тоа ќе создаде поинаква слика за земјата, ќе привлече повеќе туристи и ќе отвори повеќе работни места.
Автор: Соња Танеска