Древната јапонска техника за јагленисување на дрвото се појавува како резултат на неуморните напори на јапонските мајстори за пронаоѓање на нови начини за заштита и декорирање на дрвто. Оваа техника најчесто била употребувана за дрва кои можеле да се најдат по должината на јапонскиот брег после некоја посилна бура, врз кои сонцето и солената вода направиле одредено оштетување. Овие навидум неупотребиливи дрва биле обработувани, со што се продолжувала трајноста и добивале уникатен декоративен изглед.
Древната техника за јагленисување на дрвото повторно се открива во модерната архитектура и уметност. Површината има исклучително уникатен изглед кој буди интерес кај многу млади дизајнери и архитекти, со што повторно се оживува одамна заборавената техника. Техниката на јагленисување на дрвото Shou-Sugi-Ban, најдобро може да се преведе како согорено Sugi – јапонски кедар (Cryptomeria japonica).
Зачетоците на оваа техника не се знае од кога и од каде точно потекнуваат, но се знае дека биле употребувани во 18 век. Техниката била полека запоставувана со доаѓањето на нови модерни материјали кои полека го заменувале дрвото и влијанието на западната модерна архитектура.
Како што е содржано и во самото име, jапонскиот кедар е автохтон вид за Јапонија, затоа светските архитекти и дизајнери се во констатна потрага по дрвен вид кој ќе може да го замени кедарот и со согорувањето да овозможи приближен резултат. Многу истражувачи кои работат со оваа проблематика употребувале дрвни видови со различни анатомски карактеристики експериментирајќи за да добијат разновидна текстура.
Исто така, младите дизајнери, истражувајќи, доаѓаат до различни начини на согорување на дрвото, поинакви од традиционалниот начин, со што пронаоѓаат свои автентични изработки кои ги чуваат во тајност. Но сепак, многу е важно да се напомене дека техничката изработка на овој процес директно влијае на трајноста на конечниот производ.
Автентичниот Shou-Sugi-Ban процес може да се постигне кај дрвни видови со таканаречени отворени дрвни клетки кои имаат процент на влажност од 12 до 17 проценти. Со едноставно горење на едно парче дрво не може да се постигне посакуваниот ефект на површината. За рамномерна боја и посакувана тесктура мора да се земат предвид повеќе фактори, како на пример анатомската карактеристика на дрвото, процентот на влагата во дрвото, како и процентот на влага во околината.
За да се постигне отпорност на оган кај конечниот производ, треба да се изгори само надворешната целулоза оставајќи го исцрнетиот лигнин во заднина. Ова е причината зошто е тешко да се запали парче дрво кое веќе еднаш е изгорено на површината. Дрвните видови со затворени дрвни клетки имаат помалку целулоза, па затоа не може да се постигне посакуваната патина.
Дрвото што се обработува треба да има соодветен баланс на влажност за да се добие познатиот ефект „кожа на алигатор“ или Wani Kawa – ефект. Овој ефект се постигнува поради тивкото тлеење без оган каде брзо се уништува целулозата во горниот слој на дрвото, со што се дисперзира топлината и не се пренесува до остатокот на дрвениот елемент. Со други зборови, кислородот што се содржи во влагата го намалува нивото на согорување и ја подигнува точката на палење на дрвото. Екстремно концентрираните количини на кислород во дрвото се истражувани уште од 1896 година, кога познатото списание за наука Nature издаде студија за согорување на дрвото.
Студијата потенцира дека во еден метар кубен дрво има до 4.000 пати повеќе молекули на кислород од метар кубен воздух и со правилно загревање на дрвото на висока температура, течниот кислород кој е апсорбиран во дрвото може да согори со силна експлозија. Со правилниот процент на влага во дрвото се спречува извитоперување и пукање при обработката. Многу производители, по обработката со горење на дрвото го заштитуваат дополнително со разни премачкувачи за да се продолжи векот на траење и за заштита на дрвото при транспорт и инсталација.
Shou-Sugi-Ban може да се употребува во ентериер како и во надворешни услови, а се монтира со стандардни методи. Во ентериерот најчесто се употребува за ѕидни облоги, и покрај тоа што некој производители го нудат овој производ за подни површини, сепак не се препорачува заради механичките карактеристики на горниот јагленисан слој.
За одржување на јагленисаните површини, посебно оние што се изложени на атмосферски влијанија, се препорачува премачкување со природни маслени премачкувачи, како на пример масло од ленено семе секои пет до седум години. Нанесувањето може да се прави со сите стандардни апликатори, како распрскувач, четка и слично.