Насловна / Арт и дизајн / Шлемот изложен на Археолошката изложба меѓу 30-те од цел свет

Шлемот изложен на Археолошката изложба меѓу 30-те од цел свет

rsz_izlozba_6
Со голем интерес кај македонската публика вчера беше отворена изложбата „Археолошка изложба 2013“ (ретроспектива 2007-2013) во Музејот на Град Скопје.
Археолози, историчари, уметници, љубители на македонската култура и уметност ја погледнаа археолошката поставка која традиционално се организира во овој период од годината. Оваа година изложбата е ретроспективна и е колаж на највредните пронајдоци кои од 2007 до 2013 година беа откриени на 15 археолошки локалитети. Поставката ќе биде отворена еден месец, а содржи 300 пронајдоци од оваа година и уште 380 од минатите шест години.

Теракотни фигури, керамички садови, фрагменти од античка архитектонска пластика, предмети од доцнобронзено време, оружје, накит, енеолитски фигурини и други значајни наоди се изложени во Музеј на Град Скопје. Меѓу нив е и еден железен шлем од VI век, најден на локалитетот Таор, родното место на Јустинијан.
– Се работи за мошне редок вид на шлем. Во светот има само околу триесет примероци на ваков вид шлем. Ова е исклучително важен примерок, вели Кире Ристов од Музеј на Град Скопје, раководител на истражувањата на Таор.
rsz_slem
Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска рече дека во изминативе години на територијата на Република Македонија се вршеа интензивни истражувања на голем број значајни археолошки локалитети.

„Тие овозможија создавање исклучително вреден фонд од над 200.000 експонати, кои ја отсликуваат богата и разновидна културна стратиграфија на нашето археолошко богатство. Артефактите кои се пронајдени се скапоцено сведоштво за нашиот историски опстанок, за неоспорниот културен кредибилитет, за творечката автентичност на македонското поднебје“, рече Канческа-Милевска.
На ретроспективната изложба се изложени пронајдоци од археолошките локалитети: Хераклеја Линкестидска, Скупи, Вардарски Рид, Стоби, Кокино, Плаошник, Тетовско Кале (Балтепе), Градиште во селото Кнежје, Таор, Стибера, Св. Преображение во село Зрзе, Цареви Кули, Исар кај Штип, Баргала и Градиште кај Неготино.
Пред присутните се обратија и Виктор Личиќ, директор на Управата за заштита на културното наследство и Љубица Кондијанова, директорката на Музеј на Град Скопје.
rsz_izlozba

rsz_izlozba3

rsz_izlzoba_7

rsz_izlozba_4
Фотографии: Роберт Атанасовски

Испрати коментар

Scroll To Top