Двете најголеми чешки компании, електроенергетскиот гигант „ЧЕЗ“ и автомобилската индустрија „Шкода“, планираат заеднички да работат на развој на електрични автомобили и потребната инфраструктура. Недостатокот на станици за полнење на електрични возила претставува голем проблем за нивното ширење во Чешка, па двете компании заеднички ќе овозможат инсталирање на поголем број станици и поголема достапност на електричните возила.
Во моментот во земјата има 70 станици за полнење на електрични возила, што е доволно за само неколку стотици хибридни и електрични возила. Оптимистичкото сценарио вели дека бројот на електрични возила во Чешка до 2030 година ќе достигне толкав број, што потребната енергија би се обезбедувала од производството на цел еден нуклеарен реактор. Затоа, „ЧЕЗ“ има свој интерес во овој проект, а „Шкода“ планира до 2025 година, 20-25% од нејзиното портфолио да бидат електрични возила. Притоа, комапанијата најавува дека веќе во 2019 година својот прв модел на хибриден автомобил ќе започне сериски да го произведува.
Извор: Prague Monitor