Во партнерство со некои од најголемите производители на пијалоци во светот, меѓу кои се и Carlsberg и Coca Cola, холандската компанија за производство на биохемија Avantium развива шишиња направени од растенија, а кои во иднина би ги замениле стандардните пластични шишиња. Avantium верува дека до крајот на годината ќе бидат обезбедени неопходните инвестиции за изградба на соодветна биорафинериска постројка во која ќе се изработува овој вид на амбалажа. Проектот е веќе поддржан од Carlsberg кој очекува пивото да го продава во картонска амбалажа обложена со слој од биопластика. Својот придонес во загадувањето со пластика, емисијата на штетни гасови и климатските промени, преку поддршка на иноваторите од Холандија, настојуваат да го намалат и Coca Cola и Danone. Главниот извршен директор на Avantiuma, се надева дека кон нивната иницијатива за „озеленување“ на производството и потрошувачката во текот на летото ќе се придружат упште заинтересирани компании.
Шишињата од растителни шеќери од пченка, жита или репка, би се нашле на полиците на супермаркетите уште од 2023 година. Avantium во почетната фаза од работењето ќе произведува околу 5.000 тони пластика, но најавува дека неговите капацитети ќе растат напоредно со потрошувачката на овој вид пластика.