Како продолжение на веќе постоечката кафетерија „Гарден“ во Тетово, која веќе имавме можност да ја запознаеме во Порта 3, во функција е и модерниот и шик пица – ресторан „Гарден“, во кој покрај во одличната храна, посетителите можат да уживаат и во одлично проектираниот и изведен дизајн на просторот кој не може да поминете, а да не го забележите и да не ве воодушеви.
Дизајнот и на овој простор ја продолжува, надополнува и проширува веќе постоечката приказна на кафетеријата, имаа не така едноставна задача, надоврзувајќи се на постоечкото, да создадат нешто сепак ново. Да создадат простор кој сепак ќе има сопствен идентитет и нема да биде само прераскажување на старата приказна.
Овој простор се одликува со голема висина и тоа е првиот предизвик со кој се соочуваат дизајнерите. Тие, за да ја намалат висината на просторот, а истовремено и да внесат повеќе топлина и домашна атмосфера, се одлучуваат на концептот „простор во простор“ кој е одлично решение за просторот што всушност треба да ја замени нашата домашна трпезарија и да ни даде пријатно чувство во текот на консумирањето на нашиот оброк.
Така тие преземајќи ја веќе претходно познатата „куќичка“ која се појавуваше и во кафетеријата, го формираат овој дел од просторот, кој сега обоен во жолта боја, е водечкиот мотив и детал во целокупниот простор, во кој истата зрачи со својата топлина.
Од друга страна пак, надвор од овој „простор во простор“, едноставно поставувајќи ги масите во еден ред по должина, дизајнерите вметнуваат и дел од традицијата, па така, консумирањето на храна во поголема група или пак до луѓе кои можеби и не ги ни познаваме, треба да нè потсети на семејните собири и да ни го даде чувството на припадност на заедницата, токму во време во кое луѓето секојдневно сè повеќе се отуѓуваат.
Остатокот од плафонот е обоен во црна боја, што воедно претставува и контратежа на понискиот жолто обоен плафон. Овде плафонот оддава чувство на бесконечност и асоцира токму на консумирањето на храна на отворено (во градина), што надополнето со начинот на седење и мебелот кој е искористен во овој дел, го заокружуваат и целосно го исполнуваат овој концепт. Аналогно на тоа, висечките светилки кои се рачно изработени од мрежа, може да се интерпретираат како облачиња кои исто така даваат многу природна и пријатна димензија на просторот.
Логично на целиот амбиент, во него се среќаваат и растенија кои му вдахнуваат дополнителен живот на просторот и го прават концептот на градина вметната во целосен простор.
Материјалите кои се искористени во изведбата на овој ентериер се логично решение за простор со ваков концепт и име. Така, дрвото, металот, тулата, иако обоена во посна сива боја, надополнети со некои современи материјали се одлична комбинација на материјалите и така комбинирани одлично го интерпретираат замислениот концепт на дизајнерите.
Автор: Енис ХОЏА дипл.инж.арх.
Avtor na proektot tolku li ne e biten?!