Град Скопје поднел барање до Општина Центар за преземање на одржувањето и на сопственоста на дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“. Имајќи предвид дека станува збор за предизборен период, Советите ќе треба да донесат одлуки што ќе овозможат тоа законски да се реализира.
“Од страна на Град Скопје поднесено е барање до Општина Центар бидејќи ние имаме склучено Договор за одржување како Град, односно мојот претходник и претходникот на градоначалникот Саша Богдановиќ, склучиле Договор за одржување на спомениците и фонтаните, нешто што нашиот град го чини околу 500 илјади евра годишно, а можеби и повеќе“, рече градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.
За мене како човек и како политичар, потенцира Шилегов, проектот „Скопје 2014“ е неприфатлив затоа што е ментална контаминација на скопјани, особено на младите генерации. Затоа што зборуваме за град што никогаш не бил ваков и нема ваква традиција како што некој вештачки се обиде да ја наметне.
“Побарав од Општина Центар да ја предаде, покрај одржувањето и сопственоста, за да можеме ние да влеземе потоа во дислокација на дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“. Барањето е поднесено, ги испитуваме законските можности, имајќи предвид дека станува збор за предизборие, дали може Советите да донесат такви одлуки и прифаќање на таква обврска“, рече Шилегов.
Градоначалникот додаде дека изборите ќе поминат за еден месец и тоа, како што рече, ќе го реализира во секој случај.