Кон крајот на април, во Прага се одржа шестата конференција на ЕУРЕМ (European Energy Manager – EUREM) со цел размена на искуство на повеќе од 170 енергетски менаџери од 19 земји. Конференцијата понуди широк спектар на тематски работилници и голем број на проекти за подобрување на енергетската ефикасност, изработени од посетителите на ЕУРЕМ обуките во различни земји ширум светот.
На крајот од конференцијата, беа доделени ЕУРЕМ награди за најуспешните проекти во секоја од следните три категории: мали, средни и големи компании. За најдобри проекти оваа година во секоја од категориите (мали, средни и големи компании) беа прогласени проектите од Финска, Индија, Унгарија и Чешка. Прва награда во категоријата на мали бизниси е доделена на Адам Моравец од Чешка.
Но, за каков концепт се работи? Здружението ЕУРЕМ формирано од страна на Стопанската комора во Нирнберг, Германија, во соработка со истакнати професионалци – инженери и универзитетски професори во улога на предавачи, започнува со целна едукација од областа на енергетската ефикасност. Курсевите се наменети за професионалци од различни инженерски дисциплини и вработени на различно менаџерско ниво, а стекнатите знаења од курсот ќе им помогнат за идентификување на потенцијалот за подобрување на енергетската ефикасност во нивните компании, како и поголема теоретска подготвеност при донесувањето на инвестициските одлуки. Од година во година овие курсеви се прошируваат во сè поголем број земји речиси на сите континенти.
Од март 2014 година и Македонија станува дел од ова семејство. Локален партнер во изведувањето на овие обуки за енергетска ефикасност во Македонија е COSMO Иновативниот центар. Обуката ја изведуваат 11 обучувачи кои се магистри или доктори по технички науки, но имаат и професионално искуство во индустријата, односно практиката. Првата генерација енергетски менаџери во Македонија веќе ја заврши успешно оваа обука. На конференцијата во Прага најдобриот учесник од оваа прва група за обука во Македонија, исто така доби ЕУРЕМ награда. Тоа е Златко Ѓурчиноски, дипл. ел. инженер од „Вардар Доломит“ Гостивар.
Во своето обраќање на отворањето, Бернард Бауер, член на Извршниот одбор на чешко–германската стопанска комора која ја организираше овогодишната конференција, убеден во повеќекратните придобивки на EUREM курсот, истакна: „Сакаме да покажеме дека потенцијалот за заштеда на енергија во економијата, особено во индустријата е огромен. За жал, примерите за примена на мерки за заштеди на енергија, односно имплементација на проекти за енергетска ефикасност во практика се доста мали. Ние сакаме глобално да ја смениме таа слика“.
Д-р Штефан Шварцер од Австриската Федерална Стопанска комора ја нагласува важноста на квалификациите што професионалците треба да ги имаат за да ги водат успешно компаниите и бара промена во начинот на размислување. „Програмата EUREMplus, спонзорирана од ЕУ, ни овозможи да се организираат ЕУРЕМ курсеви во уште шест други земји: Бугарија, Хрватска, Македонија, Полска, Романија и Кипар“, вели д-р Штефан Шварцер.
Долгорочната цел е да се воспостави европска компанија EUREM која ќе работи повеќе, постојано и систематски. Освен европските земји кои се најбројни во ова ЕУРЕМ друштво, интересот е сè поголем и на другите континенти. Така предзнакот „европски“, не е воопшто нескромно да се каже дека веќе станува „светски“. Индија, Аргентина, Египет, Мексико, Чиле, Кина, Јужна Африка, Бразил и Мароко веќе се дел од ЕУРЕМ.
За малубројната делегација од Македонија присутна на овој настан, претставуваше посебно задоволство што сме единствените од регионот вклучени во ЕУРЕМ заедно со Хрватска и Бугарија. Националниот проект менаџер за ЕУРЕМ Едвард Софески изрази задоволство од досегашната имплементација на ЕУРЕМ програмата во Македонија, но исто така ги презентираше и своите планови за унапредување на техниките на учење и презентирање на материјалите во текот на ЕУРЕМ обуките. За таа цел, ЕУРЕМ ќе организира работилница со меѓунардно учество која ќе биде одржана токму во Македонија.