Насловна / Вести / Шест години ја чекаме првата економска зелена зона

Шест години ја чекаме првата економска зелена зона

Од донесување на Законот за индустриски и зелени зони во 2013 година досега, основани се и работат пет индустриски зони, а зелена зона на територијата на државата сѐ уште нема. Со Законот за индустриски и зелени зони се дава можност на локалната самоуправа, на компании со договор за јавно-приватно партнерство и на Владата да основаат зелени зони. Дејностите што може да ги вршат во нив се лесна и незагадувачка индустрија, во која влегуваат сите видови на производство кои не побаруваат многу енергија, користат обновливи извори, не создаваат голем промет на суровини, материјали и сообраќај и не произведуваат штетни остатоци.

infinity-1-1

Поспецифично за зелените зони е што секоја дејност што се врши таму мора да исполнува построги критериуми од оние во индустриските, како што се енергетска ефикасност на објектот, опремата или производствениот процес, инсталирање на системи за производство и користење на енергија од обновливи извори, економичен и еколошки транспорт за лица и стоки, примена на систем за управување со животната средина, намалено загадување на воздухот, намалена бука, примена на систем за управување со отпад и примена на систем за собирање на отпадните води.

СЕ ЧЕКААТ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ

Како што информираат од Министерството за економија со новите измени и дополнувања на Законот за индустриски и зелени зони кој сѐ уште е во владина процедура се предвидува и давање на можност за користење на државна помош согласно овој закон или согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Корисниците на индустриски и зелени зони можат да користат државна помош за почетни продуктивни инвестиции, за нови вработувања, за обука и усовршување на вработени лица и инвалидизирани работници, за истражување и развој, за заштита на животната средина.

eko

Од Министерството за економија велат дека една од главните цели на енергетската политика на државата е привлекување на инвестиции за изградба на енергетски објекти и  зголемување на искористувањето на обновливите извори на енергија, односно инвестирање во зелена енергија, која ќе придонесе за заштита на животната средина и ублажување на климатските промени.

„Со цел да се привлечат  инвестиции во секторот на обновливи извори на енергија во 2018 година се  донесе нов  Закон за енергетика во кој, меѓу другото, во делот за обновливи извори на енергија  се предвидени стимулативни мерки, и тоа повластена тарифа како пропишан паричен износ кој се доделува за откупената електрична енергија од страна на операторот на пазарот“, додаваат од Министерството за економија.

Министерството за економија има донесено Програма за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители, во која се предвидени 30.000.000 денари за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија како дополнителен износ на цената која ја оствариле со продажба на произведената енергија на пазарот на електрична енергија.

Circular-Economy-what-the-world-looks-like-1080x608

РАСТЕЧКИ СЕКТОР СО НОВИ ТЕХНОЛОГИИ

Во рамки на новоусвоената Индустриска стратегија на Владата од ноември 2018 година, една од целите е  катализирање на зелената индустрија, за која има предвидено и мерки кои треба да се реализираат до 2027, со цел да се поддржи овој концепт.

Тоа, како што велат од Министерството, претставува голема разлика во однос на претходната стратегија. Озеленувањето на едно претпријатие или индустрија не е еднократна акција, туку континуиран процес на постепени и радикални промени кои водат кон подобрување на перформансите. Условите кои го промовираат озеленувањето на индустриите не можат да се постигнат со еден политички инструмент.

Тоа значи дека сите индустрии, без оглед на секторот, големината или локацијата, ќе треба постојано да ги зголемуваат своите еколошки перформанси. Ова вклучува посветеност на намалувањето на влијанијата врз животната средина од процесите и производите со поефикасно користење на ресурсите, постепено отстранување на токсичните супстанции, замена на фосилните горива со обновливи извори на енергија, подобрување на здравјето и безбедноста на работното место, преземање зголемена одговорност на производителот и намалување на севкупните ризици.

niva1

Постои растечки и разновиден сектор кој ги опфаќа сите видови претпријатија и технологии, со цел да придонесе кон намалување на негативните влијанија врз животната средина или решавање на последиците од различните форми на загадување. Ова вклучува обновување на материјалите, рециклирање, контрола на загадувањето на воздухот, управување и третман на отпадот, како и претпријатија кои превезуваат отпад. Овој пристап ги промовира одржливите модели на производство и потрошувачка – модели кои се ресурсно и енергетски ефикасни, ниско јаглеродни, ниско отпадни, кои не загадуваат, безбедни и кои произведуваат производи со кои одговорно се управува во текот на нивниот животен циклус.

СТРАТЕГИЈА ЗА ЗЕЛЕНА ЕКОНОМИЈА

Она на што државава треба да работи во следниот период е поддршка на конкурентноста, јакнење на регионалното поврзување и поддршка за зелената економија. „Зелената економија“ вообичаено се смета како економија за одржлив развој. Нејзината цел е подобрување на човековата благосостојба преку развој, и стремеж кон постигнување на ова преку планирање за одржлив развој на екосистемите и општествата.

Токму овие приоритети се дел од Стратегијата за соработка на земјава со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) 2019-2023 година.

Во Стратегијата ќе бидат застапени проекти кои преку развој на транспортната и енергетската инфраструктура ќе обезбедат подобро регионално поврзување. Исто така, ќе бидат предвидени и проекти со кои ќе се поддржи конкурентноста на приватниот сектор, а со тоа дополнително ќе биде поддржан економскиот раст.

Приоритет во четиригодишната Стратегија за соработка со ЕБОР ќе биде и „зелената економија“. Тоа подразбира проекти насочени кон зголемување на капацитетите за обновлива енергија, зголемена енергетска ефикасност и ефикасност на ресурсите како и подобрена еколошка инфраструктура на локално и општинско ниво.

niva so pat

ИДНИНАТА Е ВО РЕЦИКЛИРАЊЕТО

Рециклирањето како постапка е она што е иднината на секое општество. Чистата животна средина не значи само собирање на отпадот и негово селектирање. Тоа е само почетниот чекор. Рециклирањето како процес кој има крајна цел максимално одржливо користење на ресурсите и заштита на животната средина и здравјето на луѓето е почнат и во нашата земја од пред неколку години. Но, проблемот е што кај нас многу малку од отпадот што се собира се рециклира. Според некои податоци од Стопанската комора само девет отсто од над 900 илјади тони отпад кој годишно се создава во земјава се рециклира. Останатите количини завршуваат како отпад во депониите и директно ја загадуваат животната средина. Вкупно 116 илјади тони од овој отпад го собираат и го селектираат колективните управувачи со отпад од пакување кое го селектираат и го испраќаат на рециклирање, но постојат и привилегирани компании кои не издвојуваат ништо иако создаваат 45 илјади тони отпад годишно.

Многу мал дел од компаниите размислуваат рециклираниот отпад да го вратат во производството како суровина. Во земјава има компании што го прават тоа со отпадното стакло, хартија, пластика, масло за јадење и други материјали. Но иако тие опстојуваат и се развиваат со години, сепак не можат да го опфатат целиот отпад што завршува на депониите.

Green Circular Economy Concept

Најдобриот пример во Европа за ваквата примена го има Холандија. Таа е една од најуспешните европски земји која десетина години веќе спроведува нови програми и политики за искористување на текстилниот отпад што креираше десетина нови брендови на рециклирана облека. Исто така се создадени услови за циркуларна економија која отвора одлични перспективи. За да се тргне кон поголем степен на селектирање и рециклирање на отпадот, вклучувајќи го текстилниот треба да се направи огромен чекор. Можностите ќе станат достапни во текот на наредните години, при што отпадот од текстилот ќе може да се искористи и да се реупотреби за создавање нови текстилни производи. Третирањето на отпадот бара вложување, што најпрво ќе ги зголеми трошоците на бизнис-секторот, компаниите ќе мора да преземат повеќе мерки. Но, во исто време е многу важно да се развие соработка, како меѓу самите компании, така и во односите со државните институции, што ќе создаде нови можности.

Европската комисија во декември 2015 година има усвоено Стратегија за циркуларна економија која опфаќа поддршка не само за да се развие овој сектор, туку и да се надминат евентуалните последици по други сектори. На пример поголема циркуларна економија во некои случаи би можела да значи помало производство на нови суровини и губење на работните места, поради што би била потребна преквалификација. Во Стратегијата се вели дека иако со зголемувањето на циркуларната економија краткорочно ќе има добитници и губитници, на долг рок тоа е добро за целата економија и за животната средина.

ЕКОНОМИЈА ВО КРУГ

Колку отпадот во светот е реална суровинска база, за разлика од кај нас, може да се види и од податокот дека неговата вредност во Европа е 20 пати поголема. Македонските граѓани плаќаат по 0,45 евра за тон селектиран и собран отпад што е најниска цена во Европа. И во соседството цената е повисока. На пример, во Бугарија се плаќа пет евра по тон, а во Германија цената на отпадот е 10 евра по тон.

Циркуларната економија веќе подолго време станува успешен соперник на линеарниот економски концепт „земи, искористи, фрли“, но нејзиниот понатамошен развој ќе зависи од политиките што државата е подготвена да ги спроведе, вели Душко Христов, претставник на проектот „ЕНВ.нет, кој го факторизира портфолиото за животна средина на Западен Балкан и Турција во агендата на политиките на ЕУ“, финансиран од Европската Унија.

„Постојат успешни приказни и во нашата држава и во регионот, на компании што ја препознале вредноста на различни видови отпад и употребиле иновативни технологии со цел да му дадат нова вредност на нешто што инаку било фрлено и би предизвикало штета по животната средина. Овие примери, како и експертските знаења и залагањата на граѓанскиот сектор, заедно со примерите од политиките што се спроведуваат во земјите од Европската Унија, може да се искористат за да се подготви и да се спроведе стратегија за развој на циркуларната економија. Не е лесно таа да се развива во услови кога бизнисите што го зголемуваат и што го намалуваат количеството отпадни материјали имаат еднакви права на пазарот. Затоа се потребни соодветни сет мерки за поддршка“, додава Христов.

Circular-economy

Даниела Михајловска-Василевска, самостоен советник при Стопанската комора на Македонија објаснува дека учесниците во овој бизнис алармираат дека свеста кај граѓаните и посебно кај компаниите е на многу ниско ниво иако има позитивен тренд. Одредени привилегирани компании кои создаваат и до 50 илјади тони отпад од пакување годишно не издвојуваат ништо за тоа. Тоа ја чини државата околу пет милиони евра годишно. Ако овие пари се насочат кон подигање на свеста на граѓаните која иако расте, е на ниско ниво, би добиле многу како држава.

За таа цел битно е во новите закони кои се во фаза на подготовка во Министерството за животна средина да се воведат царински мерки кои би ги натерале овие компании да плаќаат при увоз на производите. Иако и во сегашниот закон има одредби кои би помогнале за намалување на оваа појава, а тоа е да не се прифаќа да се продаваат и купуваат производи од компании кои не плаќаат за нивниот отпад, сепак на терен проблемите постојат, а изостанува контролата на примената на законите.

Добро регулиран бизнис со рециклирањето на отпад значи заштеди во потрошувачката на нови суровини, енергија, вода, намалување на притисокот врз животнатa средина, отворање нови работни места, а со иновативни решенија и подобрување на позициите на компаниите и зголемување на конкурентноста на пазарот, е ставот на Михајловска- Василевска.

Испрати коментар

Scroll To Top