Едно од последните актуелни „бојни полиња“ во врска со иднината на фрактурирањето во Британија е шумата „Шервуд“ – легендарното засолниште на јунакот Робин Худ, која сега е предмет на испитувања од страна на нафтената компанија „Ineos“, со крајна цел експлоатација на гас од шкрилци.
Испитувањата се вршат на само 200 метри од „Major Oak“ – најстариот даб во оваа шума, кој има илјада години. Здруженијата за заштита на животната средина, повикуваат на запирање на активностите за експлоатација на гас од шкрилци, и тоа не само во ова подрачје туку и во цела Британија, со оглед на докажаното штетно влијание врз животната средина на постапката на хидраулично фрактурирање која се користи при експлоатацијата на овој вид гориво.
Организацијата „Friends of the Earth“ особено укажува на можните штетни последици по шумата и нејзиниот жив свет, меѓу кои и многу заштитени видови кои се предмет на сериозни научни истражувања од глобално значење.
Компанијата „Ineos“ има 17.000 вработени ширум светот, а нејзиното „враќање“ во Велика Британија беше поздравено од Владата како „глас на доверба во економијата на Велика Британија“, со оглед на ветувањето за инвестиции од 1,6 милијарди фунти во разни енергетски сектори, вклучувајќи ја и експлоатацијата на гас од шкрилци.