Насловна / Архитектура / Шемата на станот е конфекциска и финансиска

Шемата на станот е конфекциска и финансиска

Градот Скопје ја менува сликата, претворајќи се во милионски град. Со стапување на сцена на пазарната економија и приватната иницијатива во Скопје почнува трескавична станбена изградба. Постојните индивидуални куќи ги заменија станбени висококатници. Со богатиот избор на материјали и новите технолошки достигнувања се создадоа и можности за нова архитектура. Евидентни се напорите да се оди во чекор со светот, но паралелна е и појавата на современа еклектичка архитектура за профит и лична презентација. Од уредено и организирано живеење постепено се помина на деградирано живеење.

4H5A9639
Намерата не ми е да се впуштам во анализа на урбанистичките и архитектонски промашувања, девастацијата на просторите и негативните последици во домувањето за кое е доста пишувано. Намерата ми е да ја видам сликата на она што е добро од многу аспекти и што му дава нова димензија на градот. Од аспект на струка сакам да го поставам прашањето каде се движиме и има ли напредок во она што се вика филозофија на домување?
Ако се следат случувањата во станбената архитектура на глобално ниво, во современи општествени околности и брз технолошки напредок, незаобиколен е впечатокот дека се поместени сите досегашни граници. За тоа зборуваат трите основни фактори што ја дефинираат изградбата на станбени објекти: функција-конструкција-форма. Значајни промени на формата се случија во периодот на модерната. Денес во новата електронска ера се трага по нова естетика поддржана со технолошкиот напредок. Во процесот на обликување приматот го презема визуелниот впечаток и артистичкиот пристап. Многу се зборува за одржлива архитектура и зелена градба.
Предмет на опсервација ми се изградени објекти во градот Скопје, кои се темелат на квалитет и иновативност. Евидентни се напорите за следење на светските трендови во квалитетот на градење, технолошките погодности за удобност на станот, употреба на современи материјали. Со скромни чекори имаме појава на внесување зеленило во зградите по ЛЕЕД-стандардите, зеленило на кровови и фасади.

yQs9OFCh

Забележлива е артистичка вештина во компонирање на фасадни елементи и употреба на боја со сугестивен ликовен сензибилитет. Но што се случува со станот? Тој е многу повеќе од засолниште. Денес се гради објект по објект, а не станбени комплекси и проектирањето на становите е дефинирано со изразена индивидуалност. Затоа сакам да ги ставам на увид сите елементи кои го чинат квалитетот на станбениот простор и станбените објекти. Тоа се: конструкција, употреба на материјали, филозофија на живеење, функција на стан, уредување на околниот простор и урбан склоп на локацијата. Конструктивните системи и употребата на материјали подлежат на контрола од стручни институции, а за нив постојат пропишани упатства и прописи. Се надевам дека компаниите што држат до својот углед и реноме совесно ги спроведуваат. За мене есенцијално прашање што сакам да го поставам е дали денес постои филозофија на домување која произлегува од културата на живеење¬? Во минатото, стилот на живот ја налагал формата, потоа со развојот на архитектонската наука се пропишале нормативи и прописи за проектирање, а денес се чини дека тие или не се почитуваат или се почитуваат селективно, по потреба делумно. Со други зборови владее хаос. Денес во Македонија, како израз на финансискиот норматив, единствена мерка е квадратурата на станот. Тука не влегуваат влезови, заеднички и околни простори. Прописите од минатиот век до денес не се менувани. Тие димензиите на станот го сведуваа на минимални рационални мерки. Начинот на живот се менува, а димензиите останале исти. Во сите новоизградени станбени објекти, типологијата на становите е иста како во претходниот век. Кој денес ги креира и пропишува нормативите и дали воопшто треба да ги има?

2
На прашањето што е тоа добар стан, во смисла на организација, ќе го цитирам одговорот на архитект Миленија Марушиќ , со кој наполно се сложувам: „За сите времиња тоа е стан кој е удобен, тоа е стан кој може да се организира за потребите на едно семејство кое се менува и расте. Добар стан е кога ќе влезете во ходникот на пладне да немате потреба да вклучите светло, туку да ве дочека дневна светлина која влегува низ двокрилна или еднокрилна стаклена врата од дневната соба. Исто така, добар стан не може да биде ориентиран на една страна на светот, туку мора да гледа на две страни, од кои барем една е сончева. Никогаш не треба да биде ориентиран на топлиот запад и ладниот север. Добар стан мора да има лоѓија (која е денес главно затворена или заѕидана) за да го внесе надворешниот простор во станот. Тој мора да биде негов дел и тука мора да има барем две столици на кои може да се седне. Прозорецот во која било соба мора да гледа во небо или дрво, никако во соседен ѕид. Тоа е тоа што е битно за секој стан, тоа се непишани правила кои се пренесуваат од генерација на генерација и за тоа не се потребни нормативи.“

12
За жал, денес има многу мал број станови во кои барем делумно се испочитувани овие постулати. Нормативниот сегмент на денешното проектирање виси како меч над главата на проектантот и начинот на неговото позиционирање кон инвеститорот. Затоа неопходно е да се размислува за промена на нормативите во согласност со потребите на денешниот човек и денешниот начин на живеење, со што ќе се обезбеди поквалитетно домување. Тоа е сложена тема која заслужува опширна стручна расправа при што ќе се согледаат сите сегменти на домувањето како: куповната моќ на нашите луѓе, потребите на различните структури, структурата на становите во различни типови објеки, димензиите кои ја одредуваат типологијата на станот итн. Во станбените згради кои сега се градат, забележувам дека следните елементи скоро во сите станови се исти: висината на станот е 2,90 м (од плоча до плоча) според сè уште важечкиот норматив; кујната најчесто е во состав на дневната соба и е со иста димензија и за трособен и за еднособен стан, и најчесто не го исполнува ни минималниот пропишан стандард за должина на кујнските елементи од 3.60 м, природна вентилација нема, а вештачката е проблематична вентилација, неретко кујните се составен дел од и онака минималните дневни соби. Купатилата се со мали димензии и без природна вентилација и светлина. Дневните соби многу често не го исполнуваат ни минималниот стандард, најтесната страна на дневната соба да е 3.60 м. До становите се стигнува преку тесен скалишен простор и долги и мрачни ходници, низ кои во поголемите згради се наредени повеќе станови со различна структура. Лоѓиите се сведени на минимални димензии.
Постои и инвеститорски тип на стан, кој произлегува од желбата на инвеститорот и купувачот. Во овие станови во текот на градбата се прават многу промени и отстапки од проектот, при што се случува изместување на мокри чворови и вертикали, што е погубно за понатамошното функционирање на целата зграда. Не е ретко да сретнете зграда каде не може да се најде ист тип на станови по вертикала, што неминовно доведува до изместување на водоводните вертикали. Па така „среќно“ ќе си живеете во стан каде над вашата дневна или спална соба соседот има купатило, бидејќи тој распоред него повеќе му се допаѓал.
Ако сакаме да обезбедиме квалитетно домување во современи услови на живеење, сите претходно наброени елементи треба да подлежат на нормативна корекција. Согласно денешните потреби купатилата треба да имаат поголеми димензии, кујните исто така. Можеби треба да се зголеми и висината на станот на 3.10 м (од плоча до плоча), што би овозможило поголема флексибилност и мултифункционалност на просторот. Тоа ја поскапува градбата, но носи квалитет.

11
Денес побарувачката на мали станови на пазарот е поголема. Многу е битно како малиот стан е организиран и како е позициониран. И гарсониера од 25 квадратни метри може да ги задоволи сите животни потреби ако е добро организирана, што подразбира влезна зона, повеќенаменска просторија од минимум 16 квадратни метри, чајна кујна и купатило од минимум 3.3 квадратни метри, добро вклопена во објектот, ако има добро греење и светло, широк зелен простор пред зградата и сите заеднички простори да бидат квалитетни за да ги надоместат минималните егзистенцијални стандарди.
Ако зборуваме за одржливост на објектите морам да напоменам дека употребата на нови материјали и нови технологии е позитивна и добредојдена. Но, притоа мора да се води сметка да се обезбеди и соодветно обучен кадар кој ќе знае правилно да ги вгради и аплицира тие технологии.
Сите наведени забелешки, кои се само дел од она што треба да подлежи на анализа, се во насока на тоа со професионален кредибилитет да се натера инвеститорот да размислува на друг начин. Архитектот како поединец мора да се избори за сопствената позиција визави инвеститорот, а со едукација на нашиот купувач да го натера да почне да распознава кој простор и стан е најдобар за да ги вложи своите пари. Тоа ќе може да го направи само тогаш кога зад неговата работа ќе стојат добро обмислени и јасно дефинирани нормативи, во согласност со специфичните потреби на населението во ова време и на овој простор.

nast1
Во многу од објектите низ градот се рекламираат елитни станови, што подразбира луксузно живеење. Но, епитетот „луксузен“ не може да го понесе стан во зграда каде структурата на становите е од 25 до 150 квадратни метри и каде придружните елементи на околниот амбиент не се на задоволително ниво. „Нашата архитектура се дефинира со демократски став кој нуди вистински јавен простор однатре и однадвор“, ќе рече арх. Маурицио Маоси од бирото на Заха Хадид, кое проектира луксузни и елитни станови.
Битни елементи за квалитетот на живеењето кој би го понудил еден луксузен стан, освен квалитетот на градбата, функцијата и употребата на скапи материјали, се и локацијата, уредувањето на јавните простори во зградата и надвор од неа. Вкупниот впечаток го чинат и ликовните и естетски аспекти на околниот простор. Овие елементи се најчесто занемарени во најголем број од новите градби во Скопје, а веројатно и во цела Македонија.

1

Само еден од многуте пример е објектот „Флатирон – Адора“ во Кисела Вода, кој стои осамен во просторот, опкружен со ќепенци и мали, трошни дуќанчиња, а претендира да биде обележје на градот. Се прашувам обележје на што? Минималниот стандард и обврска за тоа што треба да се инвестира во опкружувањето и зоната која е јавна (без оглед кој е надлежен за тоа), денес е занемарен.
Урбаниот склоп подразбира некаква униформност и тој е дефиниран со урбанистички план. Објектот не постои сам за себе, тој мора да биде во контекст на околината. Меѓутоа мерката за целовитоста на градскиот простор и изгледот ми се чини дека е веќе загубена. Тенденцијата на секоја зграда да го искаже своето его и да биде поинаква, не го дефинира просторот како целина, ниту може да формира урбан склоп и силуета на градот.

Станбената архитектура низ историјата била претежно уедначена како макроструктура. Тоа јасно го дефинира Камило Зите кој вели: „Градот е едно хомогено тело, составено од домување, а се издвојуваат поединечни простори и објекти како што се плоштади паркови и палати“.
Таков пристап се применуваше и во Скопје, чии населби се одликуваа со јасно изразени макрострукури, односно хомогените целини на градот создадени во постземјотресно Скопје. Во последните 20-тина години на интензивна градба, создадена е нова слика на градот, во која голем дел сочинуваат станбените објекти. Компактните станбени структури се нарушени или го менуваат изгледот и функцијата. Шемата на станот е конфекциска и финансиска. Нови промислувања за функцијата на станот и домувањето во нови услови на живеење и нови потреби на разните структури на населението, за жал не се забележуваат. Позитивните обиди на градба на станбени објекти се само мал процент од архитектонската реалност.
Светот веќе размислува за мобилна архитектура, зелена архитектура, замена на фосилни горива. Ако констатирам дека кај нас нивото на квалитетот на проектирање е доста низок, алармот треба да се запали. Со поголемо ангажирање на струката, низ научно-стручни студии и организација на процесот на проектирање и градење, мора да се најде патот кон поквалитетно домување во согласност со трендовите во развиените европски градови.

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.

 

Испрати коментар

Scroll To Top