Шафшауен, или синиот град како што уште го нарекуваат, е веројатно едно од ретките места кое од тотална анонимност до пред дваесетина години, одеднаш станува една од главните дестинации на глобалната туристичка мапа. Се наоѓа во Мароко, во близина на познатите градови Фес и Тангер, и има богата историја, извонредно архитектонско наследство и вонвременска живописност. Но, зошто градот е син? Постојат различни теории за тоа. Шафшауен е основан во 1471 година од страна на Евреите што тука се доселиле од Шпанија. Тврдината што датира од овој период била изградена со цел локалното население да се одбрани од нападите на Португалците, и таа постои до денес. Во 1920 година, градот бил заземен од Шпанија, и останува под шпанско владение до независноста на Мароко, односно до 1956 година.
До пред дваесет години, само еден дел од градот бил обоен во сино – делот во кој живееле Евреите. Сината боја во тој дел од градот се појавила уште во 15 век, а појавата добива на интензитет во текот на 30-тите години од минатиот век, кога Еврејската заедница во местото станала побројна како резултат на нивниот егзодус од Европа под налетите на нацизмот. Поединци се уверени дека сината боја е избрана како некој вид света боја (асоцијација за небото, рајот и Господ) на Евреите и Муслиманите (кои подоцна се доселиле во градот), други пак дека е избрана како одбрана од комарците (да се задржат во заливот и да не одат кон градот), но сигурно е дека синилото со кое е обвиен градот е во прекрасен склад со боите на Медитеранот.
Освен тврдината стара над 500 години, местото е домаќин и на најстарата пештера во Африка (Kef Toghobeit Cave), џамии и други знаменитости од средновековјето. Но, се чини дека тоа не било доволно за да ги привлече туристите. Барем не во толкав огромен број како денес. Огромниот пресврт кој се случил пред дваесетина години е заслуга на жените од градот, кои се досетиле да го обојат во сино целиот град.
За кратко време, гратчето, што било познато како попатно одморалиште за караваните што оделе за Фес или Тангер, се претвора во вистинска туристичка Мека. Бојата се обновува три пати во годината, а таа работа продолжуваат и натаму да ја прават жените, најчесто ноќе кога целиот град спие. Ѕидовите се бојосани најчесто до ниво до кое оној што бојадисува можел да достигне со рака, па постои вистинска разноликост по однос на бојосаниот дел и остатокот од ѕидот. Но, не се бојадисуваат само ѕидовите, туку и скалите и улиците и тоа според одредено правило. Онаму каде патеките се сини, тоа значи дека таа патека завршува со слепа улица.
Сончевите зраци на отворениот и изложен простор, од една страна, и сенките во тесните улички, од друга страна, постојано си поигруваат со различните нијанси на сина која се менува од арктичка до сафирна, индиго и морнарско модра. Бројни рачни изработки од волна се популарни кај туристите како и домашното козјо сирење.
Инаку, овој крај е познат и како најголем одгледувач на канабис во Мароко, па треба да се признае дека најверојатно и достапноста на канабисот, но исто така и на хашишот за странските туристи придонеле за популарноста на местово. Но, несомнено дека туристичкиот бум му носи и просперитет на гратчето.
Својата атрактивност ја покажа и во рекламата што овде е снимана за Армани во 2011 година, а многу лица од светот на шоу бизнисот бараат овде да купат куќа. Денес Шафшауен има околу 200 хотели, и веќе со години е етаблиран на сите листи на напјпопуларни градови во боја во светот. Згора на тоа, Шафшауен е бездруго еден од најфотогеничните и најживописните градови воопшто.