Дојранско Езеро, едно од трите природни езера во Македонија, некогаш богато со диверзитет, денес е полно со фекалии и комунален отпад, што го прави небезбедно за капење. Но еуфоријата, наречена забрана за капење во езерото, траеше неколку дена, сè додека неколку жители на Дојран на свој начин не го прикажаа спротивното. Тие со лажица пиеја од водата во езерото, а имаше и такви кои веруваа на свештени лица и своето дете го крштеваа во водите во кои неколку дена претходно беше регистрирано дека има хемиска и бактериолошка неисправност од трет степен.
За целиот проблем да се реши што побрзо, Министерството за здравство го смени Правилникот за мерење на квалитетот на водите. Но фекалиите и комуналниот отпад останаа во водите на езерото само што новиот правилник го направи безбедно за капење.
На ваквата одлука реагираше целата јавност, но никој не се потегна да најде практично и вистинско решение за проблемот. И после толку бука околу загадувањето, еден месец подоцна никој не се одважува да каже дека ситуацијата е иста. А, туристите и натаму со амин од попот се капат во фекалии.
Од Центарот за јавно здравје Велес, од каде што ги дадоа првични резултати, велат дека испитувањата на езерата и водотеците што се на нивна територија се вршат еднаш месечно. „Последните два месеци поради состојбата со Дојранско Езеро направивме и две дополнителни контроли, и тоа две во јуни и две во јули месец. Според новиот Правилник, водата е исправна за рекреативни активности и во неа не најдовме ниту една колонија од бактеријата ешерихија коли. Треба да се напомене дека градежната експанзија, зголеменото присуство на туристи и времениот престанок на работата на колекторот што бил вон функција поради расипан дел на црпните пумпи, се појавило ова поголемо загадување. Да напоменам дека загадувањето не е само од фекално потекло, ами се должи и на комунален отпад кој завршил во водата како последица од немарност на населението и туристите“, вели директорот на Центарот за јавно здравје од Велес, Флорентина Шурбевска- Ристевска. Дека проблемот со загадувањето на Дојранско Езеро не е ништо ново, е и нејзиниот одговор на прашањето дали и други години водата во Дојран била до овој степен загадена. „Досега се нема случено вакво поголемо присуство на бактерии, непатогени и опортунисти“, вели Шурбевска-Ристевска.
Според одговорот на Шурбевска-Ристевска, дека има расипан дел на колекторот, побаравме одговор од општина Дојран. Градоначалникот Борче Стамов и покрај нашето инсистирање не даде одговор на прашањата дали Дојран има пречистителна станица, со колкав капацитет таа работи и дали е доволна за прочистување на водите во Дојран и околината. Не добивме одговор ниту за тоа дали општинската власт во иднина ќе побара почесто контролирање на квалитетот на водата, и објавување на резултатите во јавноста, или пак ќе веруваат на попот, кој рече дека водата во езерото е исправна и таа може да се користи за капење и пиење. Единствено по објавувањето на резултатите градоначалникот Стамов на прес-конференција рече дека канализациониот систем е во најдобра кондиција во последните 20 години и дека во 2014 година целосно ја реконструирале пречистителната станица, а годинава и главната колекторска линија со инсталирање на нови пумпи со трипати поголем капацитет од претходниот во 10 препумпни станици. Но и тогаш не даде одговор дали системот во овој период од годината функционира.
Околу ситуацијата со Дојранско Езеро, официјален став побаравме и од Министерството за животна средина и просторно планирање. На ова прашање немаа никаков одговор, но затоа кажаа кои тековни и неодамнешни проекти ги имаат преземено за заштита и унапредување на животната средина во Дојран, а со тоа и на Дојранско Езеро.
„Пред повеќе од 15 години беа преземени активности за полнење на езерото, а тоа резултираше со враќање на водата, обновување на живиот свет и повторно развој на туризмот и рибарството. Дојранското Езеро е впишано во листата на Рамсарската конвенција од 2007 година. Во 2011 година повторно е прогласено за заштитено подрачје во категоријата споменик на природата, а управувањето му е доделено на општина Дојран“, образложуваат од МЖСПП, додавајќи дека годинава од страна на Регионалниот еколошки центар се изготвува студија за валоризација на Дојранско Езеро, со која се врши оценка на состојбата со природните вредности, се идентификуваат засегнатите страни и се утврдуваат тековните закани за ова заштитено подрачје.
Но проблемот со Дојранско Езеро не е само од годинава. Според Истражувачкото друштво на студенти биолози, проблемот е уште од 1988 година. Во текстот што друштвото го има објавено под наслов „Заедно да го спасиме Дојран“, се вели дека во 1988 година е пристигнато барање од Грција за користење на водите од езерото, за наводнување на околните ниви на нивна територија. Се барало да се извадат 10 милиони кубни метри вода. Тогашните одговорни лица, потсетуваат биолозите, и покрај тоа што знаеле за последиците што би следувале доколку се прифати барањето на Грција, поради недоволна заинтересираност, дозволиле да се извадат пет милиони кубни метри вода. „Приметувајќи ја слабоста и незаинтересираноста на македонската страна, Грција има искористено 21 милион кубни метри вода, или четири пати повеќе од дозволеното. Не треба да сте експерт за да разберете дека губењето толкаво количество вода од едно езеро со толкава големина, ќе предизвика екстремно тешки последици и ќе дојде до ситуацијата во која сме денес“, објаснуваат од ИДСБ.
Во однос на моменталната состојба, пак, се потенцира дека Дојранско Езеро се наоѓа во петта категорија според Европската директива. Во превод тоа би значело дека во езерото има преголемо количество хранливи материи, кои доведуваат до анаеробни услови. Според биолозите, ваквата состојба доведува до изумирање на ендемичниот видовит состав на езерото, намалување како на флората така и на фауната. Односно, при вакви услови, се развиваат алги кои се токсични за околината, како и за човекот. „При нашите истражувања во 2015 година, во рамки на проектот ’Развивање на капацитети за одржливост на Дојранско Езеро‘, евидентирани се огромни популации на родот Microcystic. Утврдени се осум видови од овој род. За споредба, во цела Кина досега се пронајдени само пет видови од овој род. Според пронајдените алголошки заедници, внесот на вода од Николичка река дополнително придонесува кон зголемување на степенот на еутрофикација на езерото. Според утврдената состојба со алгална флора, езерото е под континуиран притисок од високи концентрации на отпадни материи, што доведува до лоша еколошка состојба и лош статус на квалитет на водата“, велат од ИДСБ.
Истражувачкото друштво даде и свои предлози, а со цел да се реши овој проблем и да се спаси Дојранско Езеро. Како еден од предлозите е аерација односно поставување на аератори во езерото, снабдувани со сончева енергија или ветер. Овие аератори, велат биолозите, испуштаат кислород длабоко во водата и доведуваат до нејзино мешање. Ваквиот начин помага во справувањето со анаеробните услови. Потоа, отстранување на седиментот – механичко отстранување на седиментираната мил. На овој начин се отстранува вишокот на органска материја која всушност го еутрофицира езерото. Исто така, рекоа од ИДСБ, можна е и биоманипулација – механичко отстранување на трските, каде исто така се отстранува дел од органската материја од езерото.
Сите поенти и укажувања од Истражувачкото друштво претходно беа презентирани и преку тркалезна маса и извештајот на Регионалниот еколошки центар (РЕЦ), како дел од проектот „Развивање на капацитетите за одржливост на Дојранско Езеро“. Од РЕЦ нагласија дека во Дојранско Езеро се наоѓаат екстремно високи концентрации на отпадни материи, фосфорни и азотни соединенија, и ги надминуваат досега забележените концентрации на овие материи во кој и да било воден екосистем во земјата. Ја нагласија и хепереутрофната состојба на езерото.
Резултатите покажуваа дека во езерото континуирано се влеваат фекалии речиси од сите страни – од Николиќ, но и од градот Дојран. Нагласено беше и дека пречистителната станица работи, но не излегувала прочистена вода. Исто така, голем број новоизградени куќи на ридот што се издига во стар Дојран, не се приклучени на канализационата мрежа. Сите тие имаат спроведено цевки кои се гледаат, а нивните води истекуваат во еден широк дол од каде тие се влеваат во езерото. Според измерените параметри во однос на количеството на отпадните – хранителни материи, оцената на стручниот научен тим е дека езерото се наоѓа во „лоша состојба“, стои во Извештајот на РЕЦ.
„Целта на ова истражување е отворено да се претстават состојбите и отворено да се разговара за спроведување на итни мерки за заштита на езерото, бидејќи постојат мерки и може да се спроведуваат, само треба ние како општество да се организираме“, потенцираат од РЕЦ.