Скопјани до петок ќе може да изнајмуваат велосипеди, по што овој проект зимава ќе биде ставен во мирување, информираат од ЈП „Градски паркинг“.
Овој проект беше добро прифатен од скопјани, кои масовно изнајмуваа велосипеди по цена од 10 денари за час.
Сепак, главен проблем секоја сезона се несовесните граѓани кои ги оштетуваат велосипедите, заради што често се случува на пунктовите каде што се изнајмуваат велосипедите, да нема ниту еден исправен.
Покрај тоа, дополнителен проблем се нерегулираните велосипедски патеки, кои најчесто се узурпирани од пешаци и возила.
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски рече дека долж сите нови сообраќајници се проектираат и велосипедски патеки, а простор за велосипедите се прави и на старите сообраќајници.
Во таа насока, и општина Центар летово спроведе проект за субвенционирање при купување на велосипед, чија цел е граѓаните да добијат економичен и еколошки превоз, како и намалување на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје.