Општина Штип распиша тендер за покривање на северната трибина на градскиот стадион. За оваа намена се предвидени средства во висина од 4.454.250 денари (без вклучен ДДВ) или над 5,2 милиони денари со ДДВ.
Заинтересираните кандидати имаат можност во рок од 20 дена да достават документација и предлог-понуда, по што ќе следи електронска аукција. Потенцијалниот изведувач ќе треба да го реализира веќе изготвениот проект за покривање на северната трибина на градскиот стадион во Штип.
Ова е нова инвестиција на градскиот стадион, откако претходно локалната самоуправа постави комплетно нова дренажа за теренот, и ја асфалтираше атлетската патека. Во соработка со ФФМ, поставени се и осум рефлектори со комплетно ново напојување за нив, и за првпат во историјата можат да се играат вечерни натпревари на стадионот во Штип. Предвидено е и поставување на нови столчиња, и реконструкција на соблекувалните.