Македонските компании кои произведуваат мебел од годинава ќе се соочат со проблеми во извозот во земјите од Европската Унија, доколку земјава не започне веднаш да ги сертифицира шумите, предупредува организацијата „Поврзување природни вредности и луѓе“.
Според европската регулатива усвоена во март 2013 година, се бара длабинска анализа на потеклото на секој производ од дрво што се увезува во ЕУ, а земјите од соседството веќе ја завршиле обврската и ги сертифицирале оние шуми кои се користат како суровина за мебел.
Во западна Европа, половина од шумите се сертифицирани со една од сертификационите шеми достапни на пазарот во ЕУ и светот, наведува оваа организација.
Канцеларијата на „Поврзување природни вредности и луѓе“ на 25 март во Скопје ќе организира регионален семинар за сертификација на шумите од Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора, на кој учесниците ќе имаат можност да го споделат искуството и предизвиците од овој процес.