Во Њујорк, но, исто така, и во неколку други музеи ширум САД ќе се отворат неколку изложби посветени на популарната американска телевизиска серија „Момците од Медисон“.
Заштитниот знак на Дон Драпер, сив костум и федора шапка, но исто така, рекламите и столчето за жесток алкохол однесени се во „Смитсонијан“ музејот на американската историја во којшто ќе бидат изложени како дел од постојаната поставка.
Покрај тоа, на 14 март во њујоршкиот Музеј на подвижни слики ќе биде отворена уште една изложба посветена на серијата, на која ќе бидат изложени ентериери, костими и реквизити од споменатата серија. А од 26 до 27 март во Музејот на уметност во Лос Анџелес (LACMA), творецот на серијата Метју Вајнер и главните членови на сетот ќе прикажуваат свои омилени епизоди од серијата.
Во една од најголемите библиотеки на светот, во Јавната библиотека на Њујорк, ќе се организира читање на 25 наслови, кои во текот на серијата ги читале главните ликови, а книгите, освен во физичка форма, ќе бидат достапни и на Интернет.
Последната сезона на серијата „Момците од Медисон“ започнува со прикажување од 5 април со која завршува возбудливата приказна за американската рекламна индустрија во средината на минатиот век.