Вчера во Музејот на град Скопје, а во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија и под покровителство на Претседателот на Република Македонија, беше врачена Големата годишна награда за архитектура за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2015 година.
Добитници за оваа година се архитектите Сергеј Никољски и Иван Мирковски за проектот – Куќа на Водно на улица „Питу Гули“ во Скопје.
Претседателката на ААМ Сања Раѓеновиќ Јовановиќ во своето обраќање истакна дека архитектурата отсекогаш била јавна дисциплина и дека ААМ секогаш го негувала архитектонското наследство и творештво.
„И покрај најлошиот перид во историјата на нашата архитектурата, сепак, квалитетната архитектура никој не може да ја сопре“, посочи Раѓеновиќ Јовановиќ пред присутните.
– Сметам дека Големата годишна награда останува едно од највредните признанија во сферата на архитектурата што се доделуваат во Македонија. УО на ААМ претпазливо формираше комисија составена од архитекти со интегритет и творештво, со единствена цел, стручност во вреднување на архитектурата – изјави Раѓеновиќ Јовановиќ, и на крај му се заблагодари на претседателот за неговото покровителство, кој, и покрај тоа што, за жал, на градот му се случува СК 2014, препознава квалитет и ја поддржува современата архитектура.
Потоа, архитектот Мартин Гулески, претседател на Комисијата за избор и доделување на наградата, во состав арx. Горан Мицковски, арх. Ѓоко Радовановиќ, арх. Миодраг Радоњиќ и арх. Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, информираше дека на објавата на Асоцијацијата на архитектите на Македонија за Големата годишна награда на ААМ за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2015 година се пријавиле седум објекти, а тоа се:
Куќа 2Б, доградба и надградба на индивидуална куќа, ул. „Славеј Планина“ бр. 6, Скопје,
Катна гаража „Разловечко востание“, општина Центар, Скопје,
Трeнинг центар на ФК Вардар, ул. Новопроектирана бр. 2, Скопје,
Станбен објект, ул. „Козара“ бр. 28, Скопје,
Станбено-деловен објект, „Кино Карпош“ ул. „Благој Давков“ бр. 56, Скопје,
Станбено-деловен објект, ул. „Партизанска“ бр. 106, Скопје,
Куќа на Водно, ул „Питу Гули“ бр. 33, Скопје.
Гулески, исто така, ги претстави и авторските тимови на архитекти, проектанти, соработници и консултанти на овие пријавени објекти: Бетим Зеќири, Беќир Адеми, Амине Адеми,Сашко Иванов, Михаел Димитровски, Натали Ташевска Гулевска, Павле Христов, Соња Папучовска, Марија Магдалена Јакимовска, Добрица Дојчиновска, Минас Бакалчев, Саша Тасиќ, Гордан Петров, Александар Петановски, Елизабета Дурлевиќ, Ана Митрушевска, Оливија Мојсова, Ѓорѓи Мојсов, Сергеј Никољски, Иван Мирковски.
На крајот, прогласувајќи ја и доделувајќи ја наградата на добитниците, претседателот на РМ Ѓорге Иванов посочи дека причината за физичкиот процут на геометријата е во креативноста на македонските архитекти. „Ова признание доаѓа од колегите кои најдобро умеат да ја проценат вредноста на градителските потфати и на архитектонските дострели. Како претседател веќе седма година ја имам честа да бидам покровител на доделувањето и секојпат сум охрабрен од изборот на комисијата, која се соочува со тешка задача – да го избере најдоброто меѓу најдобрите современи архитектонски постигнувања“, порача претседателот Ѓорге Иванов.
„Креативноста што е втемелена врз вековното чувство за слобода на народот на Македонија, кој наместо да расте во просторна широчина, растел во духовна и креативна височина. Сведоштво за тоа ни даваат македонските неимари кои оставија не само физички белег на тој духовен раст, туку и завет да се надградува над нивните добро поставени темели“, потенцира Иванов.