Уметникот Сергеј Андреевски е најавен како ексклузивен гостин на првата Интернационална средба на уметници со наслов „Ин ситу“ што се одржува од денеска до 13 август во Тунис. Престојот на Андреевски е целосно поддржан од министерот за култура на земјата-домаќин.
На настанот, што го организира тунискиот Синдикат на ликовни уметници, учествуваат уште 25 уметници од 23 земји од светот и 20 млади уметници од Тунис.
Идејата на организаторот е да направи синергија меѓу различните форми на уметност: танц, поезија, музика, ликовна уметност … , а сето тоа ќе се случува во магичниот амбиент на Сиди Бу Саид (Sidi Bou Said) т.н. „Син град“.
– Сакаме да направиме средба што ќе биде спонтана, исполнета со импулсивност, забава, една поинаква музика…; ни треба време за заедничка дружба, да се запознаеме меѓу себе, да ги прифатиме нашите различности; преферираме спонтаност, искрена уметност, ослободување на потиснатото, уметност без цензура – далеку од вревата на светот и хоророт на војните, изјави Махмуд Чалби, еден од најмаркантните туниски уметници и член на организациониот одбор.
По Тунис, ликовното патешествие на Сергеј ќе продолжи во Словачка каде што ќе биде гостин на Меѓународната ликовна колонија „ДунАрт“ во градот Шаморин.