Насловна / Архитектура / Сер Дејвид Аџаје: Добитник на Кралскиот златен медал за 2021 година

Сер Дејвид Аџаје: Добитник на Кралскиот златен медал за 2021 година

Кралскиот златен медал  за архитектура се доделува од страна на Кралскиот институт на британските архитекти, во име на британскиот монарх, а во традиција отпочната во 1848 година кога првиот медал бил доделен на британскиот архитект, археолог, писател и професор по архитектура на Кралската академија за уметности Чарлс Роберт Кокерел (1788 – 1863).  Оваа интернационална награда се доделува на лице или на група на лица коишто дале значаен придонес „или директно или индиректно за унапредување на архитектурата“ без оглед на тоа од каде потекнуваат.

Овогодишниот лауреат, Сер Дејвид Аџаје ОБЕ е ганско-британски архитект и е пример за интернационалниот опфат на ова високо меѓународно признание во доменот на архитектурата.  Тој е роден во 1966 година во Дар ес Салам, Танзанија, во дипломатско семејство, како резултат на што своето детство го поминал во повеќе земји.  Значајно влијание во неговото оформување одиграл неговиот брат Емануел кој како делумно парализиран посетувал специјално училиште. Соочен со запуштеното училиште, деградирачките услови во коишто неговиот брат се образувал оставиле траен белег на Сер Дејвид, кој уште како студент почнал да размислува за проектирање објект којшто ќе овозможи подобра грижа на лицата со посебни потреби. Ова резултирало во неговата определба дека архитектурата треба да биде во служба на луѓето и да промовира егалитаризам.

adjaye_portrait_resize

За да може да се осознае специфичниот пристап на Сер Дејвид кон архитектурата, неопходно е да се разбере и невообичаената комбинација на културни влијанија на којшто тој бил изложен.  Од една страна тука се широките искуства од Африка, коишто произлегуваат од неговиот живот како дете на дипломат од Гана, родено во Танзанија, а коешто живеело и во Уганада, Кенија, Египет, Либан, Гана, Саудиска Арабија, но и од неговото истражување коешто резултирало во проектот „Африканската архитектура на Аџаје: Фотографски преглед на метрополитанската архитектура“ во кој во период од 10 години документирал 54 значајни градови во Африка и ја прикажал нивната кратка, урбана историја и клучните податоци вклучително со карти и сателитски фотоградии од кои произлегла опсежна анализа и реконцептуализација на тоа што е африканската архитектура и што таа може да биде.  На ова се надоврзуваат и европските искуства стекнати преку неговото формално образование по архитекурата во Велика Британија, каде ги завршил додипломските студии на Лондон Саут Банк Универзитетот во 1990 година, а постдипломските на Кралскиот колеџ за уметности во Лондон во 1993 година.  Ова било дополнето со пракса во проектански бироа во Лондон, но веројатно позначајно и од студии е работењето кај португалскиот архитект и добитник на Прицкеровата награда за архитектура за 2011 година, Едуарду Соту ди Мора. Ова искуство му помогнало на Сер Дејвид да се запознае со занаетскиот шарм на спојот на занаетчиството и самодостаточноста на Португалија во периодот пред влегувањето во Европската Унија.  Преку ди Мора тој се запознал и со материјалите, но бил поттикнат и неговиот креативен елан во доменот на архитектурата.  Следниот сегмент на неговите културни искуства произлегува од неговиот престој во Јапонија каде на Универзитетот во Кјото посетувал обука по јапонски будизам, но престој кој исто така му овозможил лично да се запознае и со творештвото на познатите јапонските архитекти Тојо Ито, Тадао Андо, Кензо Танге и Јошио Танигучи.  Како резултат на ова тој дополнително имал можност да се запознае и истражи начин на размислување и согледување на архитектурата којшто е поинаков од европскиот.

idea_resize

„Продавницата на идеи“ во Вајтчапел, Лондон 

Првите предзнаци за блескавата кариера на Сер Дејвид потекнуваат од 1990 година, кога како студент бил награден со Бронзен медал на Кралскиот институт на британските архитекти.  Во 2006 година неговиот проект за „Продавницата на идеи“ во Вајтчапел, Лондон во која е сместена библиотека и образовни простори за локалната заедница бил влезен во изборот за Стирлинговата награда. Тој е и повеќекратен добитник на Меѓународната награда за архитектура на Кралскиот институт на британските архитекти, и тоа во 2008 година за Музејот за современа уметност во Денвер, САД, а во 2013 година за библиотеките Францис Грегори и Вилјам О Локриџ /Белвју обете во Вашингтон, САД.  Помеѓу другите награди се истакнуваат и наградата Дизајнер на 2011 година на Дизајн Мајами, Наградата Јуџин МекДермот за уметност на Масачусетскиот институт за технологија во 2016 гоина, Меморијалната награда Томас Цеферсон и Меморијалната награда Луис И. Кан обете во 2018 година, како и Наградата Исаму Ногучи во 2020 година.  За својот придонес во доменот на архитектурата тој исто така е и добитник на две признанија на британскиот монарх кога во 2007 година бил именуван за Офицер на Редот на Британската Империја (ОБЕ), и во 2017 бил прогласен за витез и се стекнал со титулата Сер.

1920_epiteszforum-az-almok-laboratoriuma--ruby-city-san-antonio-2-80-2020-10-15-165110_resize

„Градот на рубинот“ (Руби Сити), Сан Антонио

Неговиот академски придонес се протега од асистентското место на Школата за архитектура на Архитектонската Асоцијација во Лондон, и предавачкото место на Кралскиот колеџ за уметности во Лондон, до местата на Луис Кан гостин професор на Универзитетот во Пенсилванија и Кензо Танге професор по архитектура на Харвардската дипломска школа за дизајн и др.  Меѓу другите признанија, тој е и Почесен член од странство на Американската академија за уметности и литература.

Сер Дејвид го основал своето архитектонско биро, Аџаје Асошиетс, во 2000 година во Лондон коешто во изминатиот период прераснало во глобално преку бироата во Акра, Гана, и во Њујорк, преку кои покрива бројни проекти ширум светот.  При ова обсегот на неговото делување се протега од индивидуални станбени објекти, дизајн на мебел, дизајн на призводи, изложби и времени павилјони, па сè до значајни центри за уметност, јавни објекти и урбанистички планови.

Смитсонискиот национален музеј на афрoамериканската историја и култура во Вашингтон

smitsonian_resize

Како најпознат проект на неговото биро се смета Смитсонискиот национален музеј на афрoамериканската историја и култура во Вашингтон, САД од 2016 година, каде Аџаје Асошиетс биле водечките проектанти на Групата Фрилон Аџаје/Бонд Смит.  Станува збор за еден од најпрестижните, новоизградени национални објекти во САД, лоциран на Уставната авенија во непосредна близина на Националниот музеј за американската историја и Споменикот во Вашингтон.  Во рамките на десеткатниот (со пет ката над и пет ката под нивото на теренот) музеј  на површина од околу 39 илјади метри квадратни, сместени се изложбените и административните простори, театар и магацини за чување на колецијата на музејот.

smitsonian1_resize

Решението се карактеризира на двоен архитектонски пристап, базиран на воспоставување соодветен однос со исклучителната локација на објектот, но и силен концептуален одговор на долготрајното и длабоко афроамериканско наследство. Како резултат на ова, решението се заснова на три принципи искажани преку формата на објектот, протегањето на објектот преку натстрешницата во пејсажот, и филигранската обвивка од бронза која историски се повикува на светилиштата од Бенин и американското занаетчиство.  Густината на обвивката може да се подесува за да го контролира нивото на упад на сончева светлина и транспарентност во рамките на ентериерот.  Надворешното обликување на објектот наликува на круна, додека кровот на натстрешницата се издига кон надвор, што овозможува да се прикаже рефлексијата на водената површина поставена во пејзажот.

smitsonian2_resize

smitsonian3_resize

Комбинацијата на природниот провев и осенчувањето на натстрешницата, во комбинација со близината на водената површина, создаваат своја микроклима во која посетителите можат да се разладат во текот на жешките лета. Внатрешноста на објектот ја карактеризираат огромните внатрешни простори, без столбови, природното осветлување и разновидната палета на материјали за завршна обработка. Вкупната цена за проектирање, изградба и инсталација на експонатите во времето на завршување на објектот, според Вашинготон Пост од 2016 година била 540 милиони американски долари (т.е. околу 13.850 американски долари по метар квадратен).

Руби Сити, центар за современа уметност, Сан Антонио

rubi_resize

„Градот на рубинот“ (Руби Сити) е центар за современа уметност со изложбен простор од 2019 година во Сан Антонио, Тексас. Во објектот е сместена уметничката колекција на покојната колекционерка, филантроп и уметник Линда Пеис, со над 800 слики, скулптури, инсталации и видеа, а преку која ѝ се овозможува на локалната заедница да се запознае со творештвото на познатите локални и меѓународни уметници.  Посетителите се запознаваат со објектот и експонатите постепено, качувајќи се од приземјето кон индивидуалните галерии, за потоа да се вратат надолу кон фоајето и плоштадот.  Двата светларници на кровот во комбинација со закосените плафони во внатрешноста на објекот, го обезбедуваат природното советлување внатре и го артикулираат кровот.

rubi2_resize

Надворешноста на објектот е изработена од панели од префабрикуван бетон, изработени во Мексио Сити, карактеристични по својата црвена боја. Најниските три метри се со мазна, полирана завршна обработка, додека повисоките се со рапава завршна обработка со агрегат кој вклучува црвено стакло во два тона.  Ваквиот пристап овозможил комбинациите на мазното и рапавото да бидат основните карактеристики на овој објект.

Концепт-продавницата Алара во Лагос, Нигерија

lagos2_resize

 

Концепт-продавницата Алара од 2016 година е лоцирана во рамките на станбено  трговска улица во Лагос, Нигерија.  Станува збор за ексклузивна продавница за восхит и купување уметнички предмети како мебел, ткаенини, облека, скулптури, слики итн.  Просторно објектот е 9 метри висок правоаголен волумен, којшто содржи низа на висечки платформи, скали и подести на кои се изложени експонатите.

lagos1_resize lagos_resize

Ваквиот пристап го поддржува архитектонскиот концепт базиран на чествување на таленот за дизајн, реазлиран преку архитектонска променада која води низ различните функции на објектот и која кулминира со уметничка галерија со кровно натсветло и тераса кои овозможуваат визуелно поврзување со градот.  Во задниот дел на објектот се наоѓа кафетерија која излегува на осенчана градина.  Завршната обработка на објектот внатре е од бетон со црн пигмент, а надвор од бетон со црвен пигмент, што му дава индустриски квалитет на објектот.

Шугар Хил во Харлем, Њујорк

sugr_hil_resize

Комплексот „Шеќерното брдо“ (Шугар Хил) од 2015 година во Харлем, Њујорк, САД претставува нова типолгија на економски достапно домување, каде основната станбена функција е дополнета со јавни функци, како музеј за деца и детски центар во комбинација со просторни содржини за потребите на локалната заедница.  Непрофитната организација која била инвеститор на овој комплекс, побарала современо архитектонско обликување на објектот, кое резултирало во објект со завршна обработка од префабрикувани панели со вградена текстура од рози со различна големина и длабочина во графитна боја, за да се создаде орнаментален ефект, преку кој ќе се оддаде признание на богатата култура и историја на Харлем.

sugr_hil1_resize sugr_hil2_resize

На деветтиот кат објектот се повлекува околу три метри кон внатре за да се создаде тераса на спротивните страни од објектот.  Особено внимание е посветено на прозорците на објектот да се ориентираат така да овозможат поглед на знаменитостите на градот, како на пример Централниот парк, и реките Хадсон и Харлем.

Аишти фондацијата во Бејрут, Либан

aishti_resize

Објектот на Аишти фондацијата од 2015 година во Бејрут, Либан, претставува уште еден успешен обид за создавање нова типологија, а во овој случај претставува комбинација на центар за уметности со шопинг-центар.  Објектот излегува на брег покрај море, создаден преку вештачко протегање на копното во морето.  Иако двете функции се дефинирани преку своите посебни влезови, внатрешната организација на просторот овозможува и испреплетување на функциите, преку што е поддржана нивната интеграција во рамките на објектот.  Продажните функции се поставени на една страна на објектот и од три страни се обвиткани со солидна фасада, при што се организирани околу централниот атриум преку кои добиваат природно осветлување.

aishti1_resize Com_DavidAdjaye_Beyrouth_Aishti_20160318

Галериите на Аишти фондацијата се сместени на спротивната страна и излегуваат на источната застаклена фасада зад која се поставени скалите преку кои посетителите се движат од страната на објектот која визуелно се поврзува со градот.  Повеќеслојна фасада го карактеризира објектот при што надворешниот слој ја има функцијата на пасивен систем за осенчување на објектот.

Московската школа за менаџмент СКОЛКОВО во Москва

skolkovo_resize

Објектот на Московската школа за менаџмент СКОЛКОВО од 2010 година во Москва, Русија, претставува нов пристап кон организација на академски кампус, кој ги зема предвид карактеристиките на опкружувањето на комплескот и локалните климатски услови карактеризирани со шестмесечен зимски период. Како резултат на ова, различните функции на објектот се сместени во лесно препознатливи волумени во рамките на еден објект-комплекс. Интегративниот дел на објектот е сместен во „лебдечки“ диск на две нивоа со дијаметар од 150 метри, при што наставните простори се сместени по обемот на фасадата, додека центарот за конференции со аудиториумот, ресторанот и просторите за неформално дружење се сместени во центарот на дискот.

skolkovo3_resize skolkovo2_resize

Кровот над дискот пејзажно е обработен како отворен простор, додека кровните светла во рамките на истиот овозможуваат природно осветлување на внатрешните простори.  На приземјето под дискот сместен е заштитениот паркинг-простор и сервисните простории. Концептот на објектот овозможува да се намали визуелниот импакт на големиот објект со оглед дека комплексот различно се доживува во зависност од точката на набљудување.

skolkovo1_resize

За Сер Дејвид, архитектурата е „социјален чин“ искажан преку изградбата на објекти кои ги потврдуваат и разбираат своите истории, додека создаваат нешто сосема ново, а со цел да служат на заедниците во нивната иднина.  За него, архитектурата отсекогаш била создавање убавина која ќе ги издигне сите луѓе ширум светот подеднакво и ќе придонесе кон еволуцијата на занаетот. Социјалниот импакт од оваа дисциплина бил и ќе продолжи да биде водечката сила за експериментирање којашто ја информира неговата пракса.

За претседателот на Кралскиот институт на британските архитекти, Алан Џоунс, „При секој обем, од индивидуален објект, до голем центар за уметности, може да се насети внимателното согледување на креативната и збогатувачката моќ на архитектура на Дејвид Аџаје.  Неговото творешто е и локано, и специфично, но истовремено е и глобално, и вклучително.  Комбинирајќи ја историјата, уметноста и науката, тој создава високообликувани и анимирачки средини коишто ги урамнотежнуваат спротвставените теми и нè инспирираат сите нас.  Јас верувам дека комбинацијата на пракса и настава во школите за архитектура значајно го збогатија неговото творештво. Неговата уметничка и социјална визија создаде јавни проекти, кои одлично го прикажуваат потенцијалот на архитектурата, преку промовирање емпатија, идентитет и гордост. Придонесот на Дејвид кон архитектурата и дизајнот глобално е веќе исклучителен, и јас сум возбуден дека ние ќе имаме можност да очекуваме повеќе од него во наредниот период.“

Испрати коментар

Scroll To Top