Актуелниот градоначалник на општина Аеродром, Златко Марин, не го исполни ветувањето од предизборната кампања, односно започната е изградба на деветкатницата кај „Мајчин дом“ за што во април минатата година пред општинската зграда беа организирани протести за кои главен иницијатор беше токму самиот Златко Марин.
Во екот на предизборната кампања, токму новиот градоначалник, тогашен кандидат-градоначалник на СДСМ, жестоко реагираше на оваа одлука на претходникот Ивица Коневски.
Тој тогаш пред граѓаните велеше дека под итно треба да се стопира целиот процес на изградба со цел зачувување на зелената површина.
По реакциите на граѓаните дека на зелената површина кај „Мајчин дом3 веќе се вршат испитувања на терен за почеток на изградба на деветкатница, градоначалникот Марин на социјалните мрежи се правда на истиот начин како и неговиот претходник, велејќи дека парцелата е приватна сопственост и општината не може да превземе ништо во врска со тоа.
„И покрај реакциите и моите лични заложби во април 2017 година, парцелата пред ‘Мајчин дом’ да не стане градежно земјиште, веќе знаете дека ДУП И10 беше донесен од претходното раководство. Парцелата е приватна сопственост и сопственикот има право самостојно да врши истражувања на земјиштето тука. Општина Аеродром сè уште нема добиено никакви барања во однос на таа парцела. Во моментов, ги разгледуваме сите можни правни механизми за излез од оваа ситуација и наскоро ќе излеземе со повеќе информации за случајот“, напиша на Фејсбук, градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.
По се изгледа останува се по старо, планираната деветтокатница ќе никне на зелената површина кај „Мајчин дом“.