Bad Aibling е мал град во Германија, 60 километри југоисточно од Минхен. Во него се наоѓа најстарата термална бања во Баварија. Во рамките на постоечките простории на старата бања е дизајнирана интересна доградба во традиција на старите околни градби, со цел да се збогати и осмисли живеењето на луѓето во околината и пошироко.
Концептот на ова извонредно остварување е на германското проектанско биро Behnisch Architekten од Штудгард. Идејата на овој спа центар под високите планини во Баварија е да се креираат мали базени со посебни карактеристики, доживувања и експресии за секој различен момент во денот и за секој поединец. Последователно се создадени водни простории кои дишат во мир, тишина и медитативност, оддавајќи внимание на суптилните и тивки задоволства.
Новиот дел од објектот се карактеризира со повеќе куполи со различни големини, под кои се наоѓаат индивидуални базени и простории за третмани. Куполите, со својата заоблена форма и разновидни отвори, успеваат да создадат една интересна игра на светлината што се рефлектира од водата и од ѕидовите, создавајќи уникатен амбиент, а истовремено и високо ниво на енергетска ефикасност на објектот.
Овој спа центар има богата содржина, вклучувајќи купола за релаксација со водопади, купола со амам, базен посветен на сензорното доживување на звукот надвор и во водата, исто така и базен со вкрстувачка топла и ладна зона. Во најголемата купола се сместени велнес и центарот за убавина, каде што се нудат различни третмани за посетителите, додека во оддалечените крила се сместени сауни и тушеви кои се одлични за целосна релаксација на гостите.
Објектот е изграден на терен во пад, кој овозможува природно вклопување во природата и заедно со богатото зеленило околу него ужива пријатна еколошка микроклима. Енергетскиот план на спа центарот е во служба на различните термички потреби во поединечните куполи. Во базените на спа центарот се одржува топла и влажна клима, додека во зимската градина воздухот е пријатен и сув.
Купола на доживувања
Во оваа купола водата ја покажува својата динамична природа и механичка сила. Таа е бучна и под притисок, креирајќи многубројни витли и струења. Внатрешниот дел од куполата има иразено сина боја со неколку децентрализирани отвори кои пропуштаат мала деликатна светлина, која си игра на ѕидовите и се прекршува во водата.
Сензуална купола
Во оваа купола посетителите се предаваат на медитацијата. Водата во овој базен е мирна и збогатена со подводна музика, додека светлината од кровот на куполата пропушта мал сноп светлина, којшто театрално игра со водата. Во средината на базенот се издигнува едно скулптурално светлечко тело со разновидни шари, кое придонесува за мистичноста на овој простор со контраст на светло и сенка, отвореност и интимност.
Топла и ладна купола
За разлика од масивните бетонски куполи со мали отвори, оваа купола е прозрачна и покриена со лесен проѕирен плексиглас во принт. Оваа купола зрачи со изразени спротивности, ладниот дел е обложен со сина боја, наспроти топлиот со црвена. Акустиката на глаткиот ѕид од куполата го интензивира шумолењето на тивката брановита вода во богати водени звуци.
Купола за релаксација
Базенот за релаксација е темна просторија во која посетителите се повлекуваат за комплетно да се релаксират. Оваа просторија има големи празни бели ѕидови каде што се проектираат слики од мирни пејзажи. Овде гостите можат да се одморат во една уникатна и мултимедијална пештера.
Целокупниот дизајн на оваа термална бања „плови“ во богатство на бои, уникатни детали и материјали, ѕидни мотиви и светлосни инсталации кои ги будат и стимулираат сите сетила и нудат незаборавно доживување на секој посетител. Овој спа центар претставува едно славење на водата како медиум кој лечи, исполнува и инспирира.