Живописниот планински крај во јужниот дел на Полска е главната инспирација за архитектите кои работат под заедничко име KWK Promes во создавањето на овој монументален објект во функција на семејна куќа.
Целиот проект претставува чувствително решение од аспект на неблагодарниот планински терен на кој тој е вграден, а за тоа сведочи и изгледот на куќата, кој не е само чиста естетика, но исто така има и важна заштитна функција.
Проектот за семејна куќа восхитува со својата апстрактна форма.
Архитектите намерно и свесно проектирале куќа со малку лебдечки ефект за да се овозможи беспрекорно планинско слевање на водата, како и слободно минување на калта со што не се случуваат никакви несакани последици и евентуални оштетувања во однос на теренот и објектот.
Водени од ваквите проблематики, одлучено било да не се формира градина околу објектот, односно дека постоечката природа и пејзажи се доволно достојна замена.
Идејата на проектот е основата на куќата да има што помала површина која го „допира“ теренот, додека влезот во неа е креиран со помош на подвижен праг. На овој начин, куќата може да се затвори како капсула за време на климатски неприлики. Од надвор и од внатре доминира бетонот како и стаклените ѕидови од сите страни, а тука е и минималистичкиот ентериер збогатен со низа дизајнерски парчиња – еден вид open space, кадешто секоја зона си добила свое место, а заедно формираат компактна единица.
Најголемата атракција на овој по малку апстрактен архитектонски проект е изгледот и ефектот на куќата откако ќе се стемни. Имено, во подножјето на теренот се поставени LED светилки кои ја осветлуваат конструкцијата во целост, а на тој начин се добива впечаток на еден вид вселенски брод кој само што се приземји.