И оваа година жирито на Кралскиот институт на британските архитекти (Royal Institute of British Architects) имало тешка задача од селектираните 20 проекти да избере седум во најтесниот избор, за потоа од нив да го изберат овогодишниот добитник на наградата „Куќа на годината“ за 2019 година: Куќата Лесанс (House Lessans) на Мекгонигл Мекграт (McGonigle McGrath). Наградата „Куќа на годината“ (House of the Year) Кралскиот институт на британските архитекти ја доделува на најдобро испроектирана нова куќа од архитект во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Покрај Куќата Лесанс во најтесниот избор за наградата „Куќа на годината“ се нашле и следниве проекти:
• Обновеното рурално прибежиште за Сартфел (A Restorative Rural Retreat for Startfell) на Фостер Ломас (Foster Lomas);
• Црната куќа (The Black House) на Дуалчас архитектс (Dualchas Architects);
• Зелената куќа (The Green House) на Дејвид Шепард Архитектс (David Sheppard Architects);
• Фармата Нитхуртс (Nithurst Farm) на Адам Ричардс Архитектс (Adam Richards Architects);
• Џебната куќа (Pocket House) на Тикари Воркс (Tikari Works) и
• Световно прибежиште (Secular Retreat) на Ателјето Питер Зумтор со Мол Архитектс (Atelier Peter Zumthor with Mole Architects).
Пред да стане добитник на наградата „Куќа на годината“, Куќата Лесанс веќе се здобила со две други награди за архитектура на Кралскиот институт на британските архитекти, и тоа Награда за Северна Ирска за 2019 година и Национална награда за 2019 година, коишто укажуваат на квалитетот на проектот како на регионално така и на национално ниво.
Куќата Лесанс е прекрасна нова куќа изградена во руралната средина на околијата Коунти Доун (County Down) во Северна Ирска за неименуван клиент. Станува збор за мал, но вешто компониран комплекс од три објекти развиен околу постоечка плевна и новоотворено предворје на кое се надоврзува мал објект со спалните соби со свој приватен двор, како и распространет дневен простор со широки визури кон пејзажот којшто ја опкружува локацијата.
Надворешното обликување и материјализацијата на овој комплекс се надоврзуваат на оној постоечкиот на утилитарната плевна со ѕидови од бетонски блокови и полуцилиндричен кров од профилиран лим во темносива боја. Приземјето на новододадените објекти на комплексот завршно е обработен со малтерисани ѕидови во бела боја и големи екрани (прозорци), додека надворешните ѕидови и двоводните кровови над нивото на приземјето се опшиени со лим во посветли нијанси на сивата боја.
Архитектите направиле исклучителен потфат во својот обид да направат куќа која не само што одразува смиреност, достоинство и великодушност туку и ги реализира сите овие определби во рамките на скромна инвестиција. Преку ова тие успеале да покажат дека големата инвестиција не е секогаш предуслов за егземпларна реализација. Архитектите Мекгонигл и Мекграт ова го постигнале преку својата умешност и самоконрола во однос на она што ќе треба за да се испроектира и изгради квалитетен нов семеен дом и тоа во најголема мерка преку нивното фокусирање на есенцијалните аспекти коишто ја прават оваа реализација исклучителна.
Ваквиот пристап е евидентен преку внатрешното уредување на просторот, каде до вообичаената висина на приземјето доминира сиво обоената ѕидарија и белите вградени плакари, додека површините над ова ниво се презентирани во бела боја со која е опфатен скулптуралниот волумен на внатрешноста на кровот перфориран со кровните прозорци коишто даваат своевиден катедрален аспект на богато природно осветлен внатрешен простор. Со ова архитектите создале своевиден контраст, надворешните ѕидови со завршна обработка од бел малтер во внатрешниот простор се појавуваат како ѕидови од сиво обоена ѕидарија, додека надворешните површини од сиво обоен лим во внатрешноста на објектите се презентираат како бело обоени површини.
Во презентацијата на внатрешноста на објектот доминира минималистичкиот пристап со големо ниво на природно осветлување, сиво обоена ѕидарија и големи бели површини на внатрешноста на кровот. Топлината во овој „аскетски“ амбиент доаѓа од дрвениот под, додека минималистичкиот пристап е нагласен и преку отсуството на вообичаените елементи како што се подните лајсни во овој случај.
Преку својата одлучност и софистицираност во примената на навидум едноставен архитектонски јазик како на концептуално ниво така и на ниво на детал, се смета дека архитектите преку своето искуство и умешност успеале да ја разоткријат убавината во рутината на дневното живеење.
За жирито овој семеен дом ја покажува својата нераскинлива врска со пејсажот во којшто се наоѓа. Однадвор двата нови објекти ја отсликуваат постоечката плевна и другите земјоделски објекти во своето опкружување. За разлика од ова внатрешноста се карактеризира со минимални по големина соби со големи прозорци коишто не само што ги исползуваат видиците од објектот туку и ја поврзуваат внатрешноста на објектот со своето рурално опкружување.
Ова резултирало во проект на семеен дом со исклучителен квалитет на буџет од само околу 369 илјади евра (335.000 фунти). Едноставниот распоред на просториите, примената на основните градежни материјали, умешноста во рационалноста овозможиле секоја паричка од буџетот на клиентот да биде внимателно и соодветно искористена.
За претседателот на Кралскиот институт на британските архитекти Алан Џоунс (Alan Jones): „Куќата Лесенс покажува како архитектурата која го подобрува животот не мора премногу да чини. Реализирана со неверојатна јаснотија и воздржаност, Мекгонигл Мекграт искористиле едноставни и евтини материјали за да создадат навистина единствен дом кој ги отсликува сопствениците и својот контекст. Дури и на најмалиот буџет, Куќата Лесанс покажува дека дури и домот од соништата, испроектиран од талентиран архитект, може да биде реалност.“
Куќата Лесанс е исклучителен пример како ограничениот буџет и примената на едноставни, широко достапни и евтини градежни материјали под раководство на искусен и вешт архитект може да се трансформираат во посакуван и високонаграден семеен дом кој искажува почит не само на скромните материјални можности на инвеститорот, туку и кон своето рурално опкружување. Преку својот однос кон опкружувањето на објектот, архитектите и Куќата Лесанс не само што го искажале својот почит кон контекстот туку преку овој прекрасен објект и го надградиле. Оттука овие квалитети не останале незабележани и соодветно се валоризирани од стручната јавност за којашто и се наградени со престижната британска награда „Куќа на годината“ за 2019 година на Кралскиот институт на британските архитекти.