Не треба и понатаму да се бараат докази и оправдувања за тоа дека мијачкиот крај е регион од каде се раѓаат врвни мајстори и архитекти. Генијалноста на мијачките мајстори и нивните извонредни градби дури го имаат воодушевено и големиот Ле Корбизје, кој патувајќи низ тој регион, за архитектурата од мијачкиот крај вели дека е една од најимпресивните во тоа време.
Изработена од локални материјали кои можат да се најдат во непосредна близина, кои биле обработени до совршенство од рацете на вештите мајстори, оваа традиционална архитектура и денес ги воодушевува сите оние што ги посетуваат овие села и чија професија или пасија е архитектурата.
Селото Јанче е едно од низата села од Долнореканскиот крај. Toa е едно од најстарите населени места од овие мијачки простори, за кое датираат информации стари повеќе од пет века. Стационирано на стрмните падини на планината Бистра, ова село се наоѓа на надморска височина од 760 метри и од сите страни на селото се надвиснуваат високи планински и карпести врвови кои само ја надополнуваат и така преубавата природа која го опкружува и прекрасниот амбиент.
На теренот кој е со голем пад во ова село, речиси еден врз друг се редат објектите. Гледано од патот Гостивар – Дебар, ова село се надзира над бујното зеленило и како да ѕирка од внатрешноста на планината. Секоја од куќите се „бори“ и го добива својот дел од сонцето. Секоја куќа е добро осончена, добро проветрена и позиционирана. Кога се гледа во селото од дистанца, изгледа како да се развива по вертикала, а не по хоризонтала.
Постојат повеќе „катови“ на кои куќите од ова село се поставени. Генијалноста, која нас нè воодушевува, не е само во поставеноста на објектите, туку во тоа што ова не е урбанистички планирано и уредено место, а истовремено, урбанистички гледано, ги задоволува сите прописи и хумани правила на кои нè учи урбанизмот. Како што и погоре наведовме, секоја од куќите ужива идеални услови од аспект на осонченост, проветреност и пристап до објектот.
Генијалноста на оваа народна архитектура не е само во тоа. Во низата карактеристики кои ја класифицираат оваа архитектура во генијална, се и начинот на изведба и материјалите што биле користени. Овие објекти се градени од природен делкан камен кој овде го има во изобилство. Од камен се градени најчесто долните делови на куќите и општо на сите објекти. Камените блокови кои се наоѓаат на аглите се попрецизно обработувани, додека пак оние од внатрешноста на ѕидните површини се погрубо обработени.
Како што е објаснето и во учебниците по македонска традиционална архитектура, во приземните и подрумските делови од куќите се јавуваат сосема мали прозорски отвори. На катовите, кои служеле за домување, користени се дрвените бондручни системи како конструкција, додека пак исполната на ѕидовите е изведена од плетена трска и кал.
Во калта била мешана и слама, па во ваква комбинација овој материјал е одличен изолатор и од ниските температури во текот на зимата, кои во овој регион знаат да бидат доста сурови, но и од високите летни температури.
Како покривен материјал на објектите од ова село, како и од целиот мијачки регион, се јавуваат камените плочи, кои совршено наредени една врз друга формираат природен пад на водата и без никаков друг изолатор не ѝ дозволуваат на водата да навлезе под покривот во објектот.
Во поново време, последните неколку години, во Јанче заживува изградбата, или реконструкцијата на постоечките стари куќи, на начин на градба со кои се служеле старите мијачки мајстори. Веќе неколку објекти во селото се реконструирани со материјалите кои во минатото биле користени. Вештите раце и на сегашните мајстори, речиси по ништо не заостануваат од мајсторите од познатата Дебарска школа или попрецизно Мијачка школа.
Главниот „виновник“ за ваквиот тренд во Јанче и целокупниот развој и напредок е италијанскиот повратник во ова село Тефик Тефикоски – Туто. Туто инвестирајќи во изградба на хотелски и ресторански капацитети го „оживеа“ ова село кое речиси беше во изумирање, додека пак со своите вешти раце и големото знаење за традиционалниот начин на градба, освен животот во ова село, ги враќа и традицијата и начинот на градење со локални материјали.
Посетата на Јанче, како и на целиот овој регион, може да биде едно позитивно и воодушевувачко искуство. Преубавата природа по течението на реката Радика, густата вегетација, високите планински врвови и, секако, карактеристичната македонска традиционална архитектура се доволни причини кои можат да ве натераат да го посетите овој регион и да уживате во сите убавини кои ги нуди и ги пружа како на дланка. Задоволсвото ќе ви биде загарантирано.