Градот Сребреница во Босна и Херцеговина за жал стана познат како место на едно од најстрашните злосторства во Европа после Втората светска војна, но малку е познато дека тоа е родното место на единствениот завршен студент од просторите на поранешна Југославија, на престижната школа на европската и светска архитектонска и уметничка авангарда – „Баухаус“. Архитект, урбанист, дизајнер и германски универзитетски професор, Селман Селманагиќ е роден во 1905 година во Сребреница, а во Сараево посетувал Државно училиште за изработка на мебел и столарија. Потоа положил и стручен испит за мајстор за мебел и столарија во Љубљана, а на свои 25 години положил приемен испит на „Баухаус“ кај професорот Јозеф Алберс. Како студент добил високи признанија од своите професори.
По дипломирањето во 1932 година, неполна година работел во Берлин во ателјето на Walter Gropius, втемелувачот на „Баухаус“ и еден од најценетите архитекти во првата половина на дваесетиот век, а потоа исто така неполна година во Истанбул кај влијателниот архитект Seyfi Arkan. Од 1934 до 1939 бил во Ерусалим, каде реализирал бројни проекти, меѓу кои и зајакнувањето на „Ѕидот на плачот“. Токму во годината кога започнува Втората светска војна, се вратил во Берлин и во текот на воените години бил ангажиран на различни проекти во индустријата, филмот и станбената изградба, истовремено соработувајќи со илегалните антифашистички ќелии и групи. Според некои извори, тој бил поддржувач на нацизмот, но тоа никогаш не било докажано. По војната учествувал во обновата на Берлин и во текот на 50-тите и 60-тите реализирал низ арепрезентативни проекти во поранешна ГДР, а во исто време бил раководител на Одделот за архитектура и професор на Високата уметничка школа во Берлин. Негови најзначајни и најкомплексни проекти биле проектот за најголемиот фудбалски и атлетски стадион во Источна Германија, Стадионот на светската младина во Берлин (Stadion der Weltjugend), и проектот за изградба на градот Schwedt.
За жал, Стадионот на светската младина е срушен после обединувањето на Германија, заради изградба на голема спортска арена за потребите на кандидатурата на Берлин за Олимписките игри во 2000 година, а неговиот проект за градот Schwedt не е реализиран бидејќи одбил да се согласи на измени во проектот. Во изобилството на неговите дизајнерски остварувања, кои ги реализирал работејќи како дизајнер на мебел и кои му донеле авторитет на „класик на дизајнот во ГДР“, посебно е ценет неговиот проект за стол за семинари.
После пензионирањето во 1970 година, гостувал како предавач на повеќе европски универзитети, и бил консултант во проектот за реконструкција на зградата на „Баухаус“ во Десау. Умрел во Берлин во 1986 година, а погребан е согласно неговата желба во семејната гробница во родната Сребреница.