„Секој десетти случај на заболување од рак во Европа, може да се припише на надворешни фактори од кои доминира загддувањето“, се вели во извештајот на Европската агенција з аживотна средина (EEA). „Изложеноста на загадувањето на воздухот, канцерогени хемикалии, радон, УВ зрачењето и пасивното пушење, заедно можат да предизвикаат повеќе од 10% од случаите на рак во Европа“, заклучува извештајот. Овие ризици можат да се намалат со борба против загадувањето и со менување на навиките, истакнува EEA.
Со речиси 2,7 милиони нови случаи и 1,3 милиони смртни случаи, ЕУ е потешко погодена од овој проблем од другите светски региони. „Иако ЕУ претставува помалку од 10% од светската популација, на неа отпаѓаат речиси 23% од новите случаи на рак и 20% од смртните случаи од рак во светот“, се вели во извештајот. EEA повикува на донесување на прописи и соодветни мерки со цел спречување на изложување на загадувањето и намалување на истото, со напомена дека ќе бидат потребни години за да се видат резултати.