Оваа репортажа во форма на текст и слики е кус осврт и потсетување на период во архитектурата од минатиот век каде архитектите вистински ја истражуваа архитектурата како проектантска дисциплина земајќи ја предвид тактилноста, атмосферата и тектониката на зградата. Период во „модерната“ каде проблемот на зградата и градот е проектантска загатка, а формалната синтакса нејзина одгатка, секако, во корист на функционалното, рационалното и естетското. Оваа репортажа ќе ја наречам сеќавање на строгата модернистичка рака на Корбизје и на неговата љубов кон бетонот, но, фокусирајќи се на неговата не толку очигледна интимна врска со природата.
Curch Saint-Pierre, Firminy, France
На изложбата во МоМА со наслов „Ле Корбизје: Атлас на модерни пејзажи,“ 2013-та година, низ мноштвото од архитектонски цртежи и кубистични макети, се наоѓа еден мал сет на природни предмети како борова шишарка, истрошен камен, оклоп од рак без нозе и наутилус школка. Овие предмети тој ги нарекувал „objets à réaction poètique“ или „предмети на поетична реакција“, и претставувале дел од неговата еклектична колекција на предмети од природата од каде црпел инспирација за неговите конструкции.
Curch Saint-Pierre, Firminy, France
Без разлика на фактот дека нема ништо очигледно природно во неговиот проектантски замав каде тешки тектонски форми се судираат едни со други и со пејзажот, сепак, постои скриена инспирација и врска со природните предмети и со неговите згради. Овие природни тематски предмети секогаш припаѓале на специфичен репертоар на почетокот на неговиот креативен процес, и понатаму, биле трансформирани во чудни форми и облици – цртежи на векторска имагинација.
Culture center, Firminy, France
Начинот на кој Корбизје ги цртал овие предмети, уште од рана возраст во Ла Шо де Фон, ја надминува вистинската отслика во форма на симплифициран облик – геометриски цртежи кои на почетокот биле „агол на гледиште“ понатаму ќе претставуваат алат за откривање „скриени форми.“ Ако на почетокот, овие графички презентации претставувале начин на структурална транскрипција и природен ред, понатаму ќе се претворат во мотор кој ќе го однесат архитектот во универзум на непресушно пластично истражување. Во една од неговите публикации во 1960-тите, „L’Atelier de la recherche patiente“ Ле Корбизје објавил три цртежи кои претставувале школка и коска чии облици се разбиени со широки сенки. Овие цртежи укажуваат на континуитетот на формално изучување на предмети од пред три декади во неговиот ран духовен албум од 1930-тите. Тој ги опишува како: „Предмети присутни насекаде долж секој чекор. Ако имаш молив во својата рака, ќе ги погледнеш и ќе разбереш многу работи; сега ќе имаш збирка од значајни вредности кои се лекција од природен феномен. И дури арбитрарна интервенција: распукана школка или пукотината на месарскиот сатар во плешката, носат богатства за умот кој самиот не може да ги препознае.“
Во прилог, неколку згради од Ле Корбизје каде може да ги анализираме и откриеме скриените значења зад обликовниот судир на бетонски и небесни предмети кои будат поетична реакција.
Автор: Никола ЃОРЃИЕВСКИ, м-р арх., м-р пејз. арх.
(Специјално за Порта 3 од Франција)
Curch Saint-Pierre, Firminy, France
Sainte Marie de La Tourette, Éveux, France