На северниот брег на австралискиот континент, се најдоа дури седум тони пластичен отпад, меѓу кои и пластични шишиња, запалки и рибарски мрежи. Организацијата за заштита на морињата Sea Shepherd, тврди дека отпадот испливал на брегот, што е еден од доказите за постојаното движење на пластичниот отпад ширум планетата. Нивните членови се придружиле на ренџерите во акцијата на отстранување на депонијата во простор од околу два километри долж плажата.
Џенифер Лаверс, морски биолог од тасманискиот универзитет, помогнала во организацијата и во анализата на потеклото на отпадот, и смета дека поголемиот дел е пластика за еднократна употреба, а за одредени остатоци тврди дека се стари со децении. Таа претпоставува дека отпадот стигнал од југоисточна Азија, но свесна е дека и отпадот од Австралија завршува некаде на друго место, што укажува на сложеноста на проблемот. Лаверс не смета дека ситуацијата е непоправлива, туку верува дека нешто може да се направи по тоа прашање.
Премиерот, Скот Морисон, се залага да се реши проблемот со отпадот од Австралија, кој во најголем дел завршува во океаните. Активностите треба да бидат насочени кон зајакнување на локалните рециклажни индустрии, и забрана за извоз на материјал кој може да се рециклира. Само околу 12% од пласичниот отпад во Австралија се рециклира.