Драгоцености од предреволуционерната московска архитектура. Седум најраскошни згради во Москва од 19. век.
Куќа Левенсон
Куќата по проект на архитектот Фјодор Шехтељ, 1900. година ја изградил Александа Левенсон, сопственик на прочуена московска печатница.
Зградата имала простор за машини за печатење, како и простории за живеење. Карактеристичен дел од објектот е лантерната на покривот.
Објектот неодамна е реставриран и е даден на продажба. За оваа куќа со површина од 1.000 квадратни метри, сопственикот бара 14,4 милиони долари.
Куќа Зимин
Она што од надвор изгледа како обична зграда е една од најлуксузните вили од 19. век во Москва. Ја изградил Николај Зимин, трговец со тутун во 1896. година, по проект на архитектот Едмунд Јудицки.
Во куќата во која е задржан и одлично сочуван со оригиналниот ентериер, денес е сместена Агенцијата за управување и употреба на историски и културни споменици на Министерството за култура на Русија.
Куќа Игумнов
Оваа куќа налик на дворец од руска бајка, подигната е во 1895. година, според проект на архитектот Николај Поздњејев, а по нарачка на Николај Игумнов, текстилнен магнат од Јарослав.
Тулите се донесени дури од Холандија, додека фасцинантните керамички плочки за фасадата специјално се изработени во фабриката за порцелан на Кузнецов, во тоа време најпозната во Русија.
Трошоците за изградбата наводно изнесувале околу еден милион рубли (во тоа време, солидна годишна плата била околу 150 рубли). Што се однесува до ентериерот, 40 соби, колку има во куќата, украсени се во различни стилови, од традиционалниот руски „болјарски“ стил до сецесија.
Денес во Куќа Игумнов сместена е резиденцијата на францускиот амбасадора во Русија.
Куќата на Морозова
Уште еден проект на Фјодор Шехтељ, ѕвездата на московската сецесија, бил нарачан од Зинаида Морозова, сопругата на Сава Морозов, успешен производител на текстил.
Внатрешниот дизајн го осмислил прочуениот сликар Михаил Врубељ, кој изработил и неколку мурали инспирирани од витешката естетика на средновековна Европа.
Во 1938. година, куќата на Морозова ставена е на располагање на Министерството за надворешни работи и до денес се користи како простор за организирање дипломатски приеми.
Вила Второв (Спасо-хаус)
Оваа вила на текстилниот индустријалец Николај Второв е изградена во 1913. година. Нејзиното англиско име, Спасо-хаус, потекнува од Спасопековскиот плоштад каде што се наоѓа оваа вила.
Проектот е изработен во неокласичен стил и претставува преобмислена градска вила од почетокот на 19. век со паладиански прозорци и симетричен внатрешен распоред.
Семејството на Второв живеело во куќата само четири години, до Октомвриската револуција, кога била преземена од советската влада. Во 1933. година, станува резиденција на првиот американски амбасадор во Советскиот Сојуз, Вилијам Булит, и оттогаш па се до денес, на сите наредни американски амбасадори.
Претседателите Двајт Ајзенхауер, Ричард Никсон и Роналд Реган биле сместени во оваа зграда за време на нивната посета на Москва.
Вила Рјабушински
Уште еден проект на Фјодор Шехтељ, овој пат за милионерот Степан Рјабушински, реализиран 1900-1902 година, веројатно е и најпознатото дело на овој архитект во Москва. Освен ентериерот во стилот на сецесија и прочуените скали со ламба во форма на медуза, оваа вила поседува и тајна капела.
Имено, семејството Рјабушински биле староверци, религиозна група прогонувана до 1905. година, па од тие причини куќата имала своја тајна капела. „Верувам дека нема ваква куќа во цела Европа“, изјавил Рјабушински кога објектот бил завршен.
По 1917. година, кога семејството Рјабушински ја напуштило Русија, куќата преминала во сопственост на државата, а во 1931. година во неа се вселил писателот Максим Горки. Куќата не му се допаѓала на Горки, тој велел дека е „чудна, но барем добра за работа“. По неговата смрт во неа е сместен музејот на Максим Горки, а нејзиниот единствен ентериер е зачуван до денес.
Градска вила на Берг
Изграден е во 1897. година според проект на архитект Петар Бојцов за бизнисменот Сергеј Берг. Комбинира различни стилови: готски, барок и сецесија. Куќата на Берг била една од првите во Москва која имала електрично осветлување и електрично ѕвонче.
Вилата, која го задржала оригиналниот ентериер, реновирана е во 2016. године. Денес во неа е сместена резиденцијата на Амбасадата на Италија во Русија.