Утрово започна отстранувањето на платформите и урбаната опрема на најатрактивните плажи на Охридското крајбрежје.
Акцијата продолжи со отстранување на платформата на една од најатрактивните плажи на брегот, плажата „Куба либре“. Рушењето, кое се одвива под силно полициско обезбедување, ќе продолжи и на плажите „Кадмо“ и „Бела Виста“.
Од плажата „Куба Либре“ сами почнаа да ги отстрануваат монтажните делови од платформата, додека екипа ангажирана од локалната самоуправа работи на отстранување на металната конструкција во езерските води, која беше поставена согласно проектот одобрен од надлежните државни и локални институции пред речиси деценија и пол.
„Во 2007 година ни беше издадена документација како да изгледа проектот. Оттогаш плажата „Куба Либре“ не е мрдната ни лево ни десно. Плажава е изградена по сите проекти и дозволи од држава и од општина. Револтирани сме затоа што никој не дојде да каже како треба да изгледа ова, каков е планот понатаму, кои мерки ние да ги преземеме. Ако смета платформата ние сме подготвени доброволно да ја отстраниме, како и што почнавме, но за жал ни известување добивме, ниту некој дојде да каже“, вели Марјан Маловчев, од менаџерскиот тим на плажата.
Досегашните концесионери на плажата „Куба либре“ имале поднесено барање до Општината за одлагање на извршувањето, но не било постапено по истото.
Плажите „Куба либре“, „Кадмо“, „Бела Виста“, „Канео“ и „Потпеш“ , опфатени се со Генералниот урбанистички план, но немаат договори за концесија, а од пред два дена останаа и без напојување со електрична енергија.
Акцијата уследи по најавата на локалната самоуправа дека ќе бидат отстранети сите објекти од плажите каде се истечени договорите за концесија, како и дека нема да се дозволи нивна работа, со цел да се воспостави ред на крајбрежјето.
Во изјава за медиумите правниот застапник на плажата „Куба Либре“, Михаил Кичеец вели: „Куба Либре“ дооел која е најповолен понудувач на јавното наддавање од 2018 година, кое се уште не е завршено, не по вина на концесионерот, нема добиено решение за уривање. Иако од „Куба Либре“ започнаа сами да ја острануваат платформата, а делумно тоа го прават ангажирани служби, потенцираме дека не е законска постапката. Се игнорира фактот дека постапката за јавно наддавање којашто би го решила статусот на плажите во Охрид кои се издаваат под закуп не е завршена. Сметаме дека е сериозно пречекорување на овластувањата на општината да гои решаваат овој проблем надвор од регулативата“.