Насловна / Вести / Се реставрира уште еден уникатен мозаик од раниот 6-ти век во Стоби

Се реставрира уште еден уникатен мозаик од раниот 6-ти век во Стоби

stobi

Со поддршка од Министерството за култура, на археолошкиот локалитет Стоби во тек се конзерваторско-реставраторски работи на мозаикот од нартексот на Епископската базилика (базилика на епископ Филип), кој датира од раниот 6-ти век.

Мозаикот со вкупна површина од 82 метри квадратини е еден од најубавите мозаици откриени во Стоби, на кој во осум квадратни полиња се претставени зооморфни претстави комбинирани со геометриски мотиви, изведени со разнобојни камчиња.

Проектот, како што соопшти Министерството за култура, претставува продолжување на конзервацијата на мозаикот од нартексот на Епископската базилика, која започна со неговото отстранување од оригиналната позиција во 2012 година.

– Во моментот се врши чистење, консолидирање и лиење на нова варова подлога на различните фрагменти, по што тие се фиксираат на носач од алуминиумско саќе. Со финализирање на работата, следната година, мозаикот ќе биде подготвен да се врати назад на оригиналната позиција во базиликата, се наведува во соопштението.SONY DSC

Во изминатиот период, на археолошкиот локалитет Стоби, во целост беше завршен и проектот за конзерваторско-реставраторски работи на мозаикот во Старата епископска базилика, кој е најголемиот досега познат поден мозаик во Македонија.

Стручен тим од овластени конзерватори на локалитетот Стоби работи и на конзервацијата и реставрацијата на театарот.

– Со завршувањето на археолошките истражувања во источната половина на централниот циркуларен коридор, се отвори можноста за конзервирање на двата ѕида кои го формираат коридорот, како и за реставрација на оштетувањата на сводот. Конзерваторските активности се започнати и во моментот се консолидираат циркуларните ѕидови. Централниот циркуларен коридор на театарот е дел од системот за движење на публиката и има импресивна височина од околу шест метри, додека неговата широчина е 2,5 метри. Источната половина на коридорот, која е предмет на овогодинешните археолошки истражувања и конзервација е долга околу 40 метри, се наведува во соопштението од Министерството за култура.

Испрати коментар

Scroll To Top