Општина Центар го реконструира познатото спортско игралиште кај салата „Партизан“. Ова беше идејата која доби најмногу гласови на порталот „Идеи за Центар“, портал каде граѓаните можат да предлагаат и гласаат проекти, а општината потоа ги реализира.
Граѓаните бараа да се реконтруира игралиштето за баскет, но општината реши да направи мини спортски центар со повеќе игралишта и содржини. Со реконструкцијата се предвидува игралиште за мал фудбал, игралиште за кошарка и фитнес центар на отворено. Мини спортскиот Центар ќе биде пуштен во употреба за десетина дена, а ова култно место повторно ќе стане атрактивно место за рекреација и дружба.
Општина Центар е првата општина која преку интерактивна онлајн платформа комуницира со граѓаните, собира идеи и потоа ги реализира. Платформата „Идеи за Центар“ поттикнува граѓанско учество во креирањето на локалните политики, а со реализацијата на овој прв проект се докажа како таа функционира на дело. Општина Центар ги повикува граѓаните што поактивно да споделуваат и гласаат за идеите кои сметаат дека би биле корисни. На овој начин, општината покрај реализираните проекти, има подобар увид каде се потребни реконструкции и кои се најважните проблеми каде треба да се фокусира. Веб страницата на порталот е: http://ideizacentar.mk/