Општина Кисела Вода преку јавно наддавање продава државно градежно неизградено земјиште лоцирано на местото на руинираната стара фабрика за сапун „Цветан Димов“ наменето за изградба на станбена зграда.
На продажба, согласно денеска објавениот повик од Општината, е градежна парцела од 4.403 метри квадратни, со површина за градење од 2.548 метри квадратни. Земјиштето е предвидено со измената и дополнувањето на делот од ДУП: МЗ Цветан Димов – Славија (блокови 1,2,3,4,5,7,8, и 10).
Почетната цена на јавното наддавање за градежните парцели е 4.300 денари за метар квадратен. Пријавите за учество може да се достават до 15 следниот месец на интернет адресата www.gradezno-zemjiste.mk, преку која ќе се одвива наддавањето на 19 следниот месец во 11 часот, а ќе трае 15 минути. Ќе се врши чекорно наддавање со зголемување на вредноста на секој чекор не помалку од 430 денари.
Вкупниот депозит за учество на наддавањето изнесува 1.950.000 денари, а банкарската гаранција е со износ од 20.000 евра.