Познатиот Астор апартман, во рамките на познатиот „Плаза“ хотел во Њујорк е проценет на 39,5 милиони долари и е ставен повторно на продажба. Се работи за луксузно сместување во коешто престојувале некои значајни историски личности, како што се Џон Џејкоб Астор, Џон Ф. Кенеди…
Апартманот има луксузен ентериер кој се протега на околу 400 квадратни метри и има три спални соби, пет бањи, приватна библиотека, трпезарија, и една прекрасна тераса со фонтана. Она што го прави посебен и многу ексклузивен, освен неговата историска важност, е и спектакуларниот поглед на Централ Парк и фамозната Петта авенија во Њујорк, а во него може да се најдат елементи како што се рачно насликани лустери, дрво од англиски даб, антички камин, како и рачно изработени кожни ѕидни тапети.
Се разбира, станот во меѓувреме е реставриран и одржуван во чекор со најмодерната технологија, но истовремено ја задржал и својата оригиналност и изглед. Инаку, Астор апартманот е во сопственост на Јирген Фридрих, ко-основачот на германскиот моден бренд Esprit.
Фридрих се обидел да го продаде апартманот уште пред неколку години по цена од 55 милиони долари, но без успех, а можеби сега кога е со значително пониска цена, конечно ќе го најде новиот сопственик.