Следниот месец ќе се знае колку дополнително пари ќе треба да се инвестираат во изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Работите на терен покажуваат дека првично предвидените 411 милиони евра нема да бидат доволни. Во овој период македонската Влада ги завршува преговорите со кинеските фирми кои го градат патот и ги подготвуваат пресметките, а кога тие ќе бидат готови ќе и ги соопштат на јавноста.
“Ова е единствениот автопат за кој се носел закон во Парламент, а не како во другите земји, во нормална тендерска постапка. Доколку работиме по проектот онака како што е, не ми требаат толку многу пари, но патот ќе биде неупотреблив. Треба да изградиме минимум осум клучки коишто ќе ги опслужуваат луѓето од Кичево до Охрид. Како што е сега проектиран патот, од Кичево до Охрид не ќе може ниту да се качите, ниту да се симнете. Мора да има сервисни патишта“, вели Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта.
Овој автопат требаше да биде готов до јануари идната година, но рокот веќе е пролонгиран со анекс за три години или до средината на 2021. Изградбата е забавена поради големите грешки во проектирањето.