Насловна / Вести / Сè почесто гледаме хаос: Потребни се организирани и безбедни градилишта

Сè почесто гледаме хаос: Потребни се организирани и безбедни градилишта

Една од темелните фази при изградба на објектите е добрата организација и изработката на шемата на градилиштата, но инвеститорите, проектантите, ревидентите, изведувачите, надзорот и инспекциските служби како да забораваат да ги исполнат своите професионални и законски обврски. Многу малку се посветува потребното внимание на речиси секое градилиште во земјава, особено во градовите на локациите каде што има тесни грла или на локации со целосна околна изграденост.

2_resize

Градилиштето е простор на кој се гради градежен објект или се изведуваат градежни работи и простор на кој се сместуваат машините за градење, градежните материјали за градба, работилници за припремни работи, инсталации потребни за градба, канцелариски простории, санитарни јазли, опрема и инсталации за безбедносен надзор или простор за чувар. Градилиштето треба да биде оградено и да има информациона табла со податоци за инвеститорот, проектантот, изведувачот на работите, надзорот, името и видот на објектот, податоци за градежната дозвола, почеток и завршеток на работите.

image_resize

Како резултат на пропустите на некои чинители во организацијата на изградбата на објектите, денес сè почесто гледаме и среќаваме градилишта каде што владее општ хаос, опасност од повреди, застој во изведување на работите, опасност од пожари, застој на функционирање на сообраќајот и околниот простор и слично.

01

Честа е сликата на монтажа и движење на кранови и дигалки вон локацијата за градба на објектот, како и попречување, а дури и спречување пристапи кон соседните, веќе изградени објекти, со несоодветно складирани градежни материјали. Се узурпираат постојните паркинзи и локалните улици, за што понекогаш се бара интервенција и асистенција на полициските органи, ги нема заштитните огради, оплатите против одрони, неретко изостанува обезбедување на градежната јама со шипови, или тоа се прави недоволно, а изостанува и потребното ноќно обележување и осветлување.

20220323_132857_resize

Ретко се монтираат заштитни оплати за минувачите и за соседните објекти или соодветни заштитни скелиња за работниците и техничкиот персонал на објектот. Посебна приказна е траспортот на градежните материјали, особено при транспортот на бетон, цемент, вар, разни малтери, земја, песок и чакал, кога од пумпите за бетон, миксерите за бетон и камионите се истураат многу од набројаните материјали, кои потоа не се чистат и се разнесуваат во околните објекти, или преку воздухот се пренесуваат и во подалечната околина. За чистење и миење на транспортните средства ретко се преземаат активности. Неретко на градилиштата се среќаваат импровизирани електрични приклучоци, кои се потенцијална опасност за вработените и минувачите. Исто така на повеќето градилишта не се почитува обврската за носење лична заштитна опрема, а нема ниту соодветни информациони табли за градилиштето.

1_resize

Сите овие пропусти и недостатоци придонесуваат за поскапа градба и небезбедна организација на градилиштата, која пак доведува градежната индустрија да биде при врвот по повредени и починати работници, за што одговорност речиси никој и не презема.

За ефикасно да се уреди и организира градилиштето, како и да се елиминираат повеќе од набројаните пропусти, потребно е да се изработи соодветен елаборат за уредување на градилиштето (план за уредување на градилиштето или проект за уредување на градилиштето) и истиот доследно да се реализира и контролира.

20220418_134840_resize

За да се изработи успешен елаборат за уредување на градилиштето потребно е претходно да се изврши потребната анализа на локацијата и посебно да се посвети внимание на:

– урбанистичките услови

– сообраќајните услови (надворешен и внатрешен транспорт)

– техничко-технолошки услови

– геолошки услови

Елаборатот за уредување на градилиштето како технички документ треба да содржи шематски приказ на градилиштето (шема на градилиште), опис за изведувачките работи, пресметка на потребните површини за складирање на градежните материјали и мерките за безбедност, противпожарна заштита – ППЗ и заштита при работа.

image (1)_resize

Шемата на градилиште претставува детален приказ – ситуација, која во зависност од големината на локацијата се изработува во размер од 1 : 200 до 1 : 1.000, по потреба со додатни цртежи или скици, кои може да бидат изработени и во други размери.

Шемата на градилиштето содржи:

– димензии на градежната парцела

– висински коти и нивелација на постојното земјиште

– регулациони и градежни линии, положба и катност на објектите

– положба и броеви на соседните катастарски парцели и згради и име на улиците

– приказ на објектот кој се гради

– распоред на опремата за работа

– приказ на планираните привремени објекти

– распоред на приклучоците за инфраструктура

– места за складирање на градежните материјали

– влез и излез од градилиштето со внатрешните сообраќајници

Ако доследно ги почитуваме сите погоренаведени мерки секако дека ќе имаме добро организирани и безбедни градилишта.

Автор: Косто ГРАОРКОСКИ, дипл. инж. арх.

20220323_132739_resize

Испрати коментар

Scroll To Top