Европската комисија го претстави првиот извештај за напредокот за „Новиот европски Баухаус“ (New European Bauhaus – NEB), во кој се анализираат постигнувањата во првите две години од оваа иницијатива, како и првата алатка за проценка на NEB. Во склоп на NEB е создадена голема заедница на организации и граѓани ширум Европа кои работат на заедничка визија во која се комбинираат одржливоста, инклузивноста и естетиката. Клучните активности на NEB, вклучувајќи ги и наградите за NEB, првиот фестивал, лабораторијата на NEB, остваруваат цели и создаваат транснационална мрежа.
Благодарение на веќе доделените европски средства во иснос од над 100 милиони евра, во тек се мали и големи проекти на NEB ширум Европа. Комисијата ќе ги зголеми и финансиските средства за дополнителни 106 милиони евра наменети за програмата Horizon Europe, за периодот од 2023 до 2024 година.
Оваа иницијатива стана движење со активна и растечка заедница од сите членки на ЕУ и пошироко. Со над 600 службени партнерски организации во распон од мрежи на ниво на ЕУ до локални иницијативи, NEB допира до милиони граѓани. Иницијативата собира луѓе од различни средини, од уметност и дизајн, културни и креативни индустрии, установи од културното наследство, до едукатори, научници и иноватори, компании, локални и регионални власти, како и граѓански иницијативи. Со цел да овозможи транспарентен пристап до информациите за повиците посветени на NEB, корисниците и членовите на заедницата, Европската Комисија изработи приказ на базата на податоци на NEB во облик на интерактивна карта.