Вчера во Музејот на современа уметност во Скопје во организација на Амбасадата на Сојузна Република Германија се отвори изложба на фотографии на берлинскиот фотограф Жан Молитор, дел од неговиот проект „bau1haus”.
Роден берлинчанец, Молитор студирал уметничка фотографија во Лајпциг. Тој во 2009. година го започнува својот проект „bau1haus” со цел да се создадат глобални врски и меѓународна размена во областа на архитектурата. Фотографиите се од Европа, Африка, Азија, Северна и Јужна Америка и даваат фасцинантен преглед за тоа како архитектурата на Модерната се шири низ целиот свет.
Работењето на овој проект значи трка со времето. Многу згради на фотографиите денес веќе не постојат, на други им се заканува рушење, пропаѓање, притисок на инвестициите. Фотографиите имаат за цел и да ги спасат од заборав. Проектот „bau1haus” напредува и продолжува. Во мометов има фотографии од над 30 земји и истражувани се недвижнини во над 100 земји.
Целта е да се создаде светсха архива на Модерната. Досега направените фотографии се само мал дел од еден проект кој ќе трае и има уште да покаже.
На изложбата се прикажани и фотографии на објекти од Скопје, како Стоковната куќа „НАМА“, ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски“, објектот на ЕСМ, студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ и др.
Изложбата свечено ја отвори германскиот амбасадор Томас Герберих, свое обраќање имаше и фотографот Молитор и доц. д-р Ана Ивановска-Дескова од Архитектонскиот факултет во Скопје.
Но за жал на изложба на прекрасни фотографии кои ја покажуваат функционалната и чиста архитектура на Модерната, Баухаус како меѓународно движење што создава епоха во архитектурата и правци на архитектурата врз основа на кои е формирана нашата архитектонска школа имаше поразително мал број присутни за еднен ваков значаен и редок настан кај нас.
Фото: Киро ПОПОВ